ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИТЕ ОД ПЕТОК НЕМА ДА ВОЗАТ ОТИ ДАНЕЛА НЕ ИМ ПЛАЌА ОД ЈАНУАРИ

    ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИТЕ ОД ПЕТОК НЕМА ДА ВОЗАТ ОТИ ДАНЕЛА НЕ ИМ ПЛАЌА ОД ЈАНУАРИЗаклучно со јуни Град Скопје и ЈСП им должат 140 милиони денари односно 2,2 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Приватните превозници од петок нема да возат, бидејќи Град Скопје и ЈСП „Скопје“ пак не им плаќаат за услугата. Денеска возачите излегоа на прес-конференција на која кажаа дека немаат веќе пари за гориво, должат на пумпите каде што полнат и веќе почнале да добиваат тужби. Како ќе им снемува гориво, така ќе ги паркираат автобусите и ќе ги исклучат од сообраќај.

    Заклучно со јуни им се должи 140 милиони денари односно 2,2 милиони евра. Приватните превозници добиваат пари од ЈСП „Скопје“, а на јавното претпријатие субвенции му префрла Град Скопје.

    Последна исплата имавме за јануари и тоа само 35 проценти од сумата. Веќе не можеме да издржиме. Сакаме да им се извиниме на граѓаните и да им кажеме да не чекаат приватни автобуси на топлово оти нема да возиме“, кажа Оливер Петрушевски, возач кај приватните превозници.

    Од Град Скопје попладнево соопштија дека Градот нема никакви обврски ни исплати кон приватни превозници.

    „За договорни обврски и релации помеѓу ЈСП и приватните превозници одговори може да дадат од Јавното сообраќајно претпријатие. Денес превозниците сообраќаат редовно согласно утврдениот летен возен ред. Ве молиме да не се темелат вестите на шпекулации, првенствено да се добијат конкретни податоци за состојбите од ЈСП, а доколку превозниците одлучат да ги оштетат граѓаните и да прекинат со испорака на услугата тоа ќе значи прекин на дозволата за вршење дејност во јавниот превоз и побарување кое превозниците ќе мора да го исплатат за настанатата штета“, велат од Град Скопје.

    Од ЈСП „Скопје“ не одговорија на нашите прашања.

    Приватните превозници велат дека имале средба со ексдиректорот Крсте Петревски кој им ветувал исплати, но сега ЈСП има нов директор Драги Кушовски кој го именуваше градоначалничката Данела Арсовска, кој уште не ги примил на средба и немаат никакви најави дека ќе добијат пари. На прес-конференцијата на беа директорите на трите фирми превозници кои склучија договор со ЈСП „Скопје“. Возачите велат дека тие ги поддржуваат, но имаат забрана од градоначалничката Данела Арсовска да даваат изјави за медиуми.

    Скопје без приватни автобуси остана и во ноември 2022, исто така поради долг од 1,5 милиони евра. Тогаш Арсовска се искара со превознциите „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и ги раскина договорите велејќи дека на градот не му требаат приватни автобуси, дека за џабе пари оделе во приватни џебови и дека ЈСП „Скопје“ може да ги покрие линии кои тие ги одржувале. Но, само неколку месеци подоцна Арсовска распиша оглас и пак ги вклучи приватните превозници во јавниот превоз, но сега договор склучи со други, новорегистрирани фирми.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира