ОРГАНИЗАТОР НА БИТФЕСТ Е ЗДРУЖЕНИЕТО „МЈУЗИК АРТ“, НЕМАЛО ЈАВЕН ПОВИК, САМО ДОСТАВЕНА ПОНУДА РАЗГЛЕДАНА ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА ВО ОПШТИНА БИТОЛА

    ОРГАНИЗАТОР НА БИТФЕСТ Е ЗДРУЖЕНИЕТО „МЈУЗИК АРТ“, НЕМАЛО ЈАВЕН ПОВИК, САМО ДОСТАВЕНА ПОНУДА РАЗГЛЕДАНА ОД КОМИСИЈАТА ЗА ЕВАЛУАЦИЈА ВО ОПШТИНА БИТОЛАОрганизатор на Битфест е здружението на граѓани „Мјузик арт“ кое го избрала општинска комисија. (Фото: СДК.МК)

    Да се издвојат уште пет милиони денари за културното лето Битфест со ребалансот на буџетот, бара Општина Битола. Ова беше кажано на Комисијата за јавни дејности, откако предвидените 1,5 милиони денари за цела манифестација во најголем дел се потрошиле само за отворањето.

    На Комисијата беше споделена информација дека Општина Битола го организирала отворањето на Битфест со музичкиот спектакл „Ѕвездена симфонија“ заедно со здружението на граѓани „Мјузик арт“. Тоа во април доставило понуда да го организира отворањето, а претходно немало јавен повик за таква намена, туку одлучувала Комисијата за евалуација составена од општинската администрација.

    Парите за културата предизвикаа бурна дискусија на Комисијата за јавни дејности, која се одржа во петокот, како претходница на седницата на Советот за ребаланс на буџетот, закажана за вторник. Раководителката на Одделението за јавни дејности Виолета Налевска го пренесе барањето на Општината преку измени и дополнувања Програмата за култура да се зголеми за 10 милиони денари, со тоа што за Битфест ќе се обезбедат уште пет милиони денари. Таа рече дека само за отворањето се исплатени милион и 50 илјади денари кон здружението „Мјузик арт“, а остатокот од над 400.000 денари ќе се доплати кога ќе го достави извештајот.

    На ова реагираа советниците од „Поинаку“. Габриела Илиевска, претседателката на Советот, праша дали ова значи дека Општината не е организатор на Битфест, а нејзиниот колега Иван Чулакоски дали имало јавен повик на кој била избрана фирмата да го организира отворањето.

    Налевска одговори дека Општината и „Мјузик арт“ заедно се организатори на отворањето на Битфест. Досега е потпишан договор само со „Мјузик арт“ , а тие понатаму потпишуваат договори со изведувачите.

    Отворањето на Битфест на 3 јули беше музички спектакл организиран за првпат на Градскиот стадион во Битола, а настапија „Паркети“, „Суперхикс“, Констракта, Каролина и странски диџеи. Влезницата чинеше 600 денари. Советниците прашуваа на кого му се исплатени парите од влезниците зашто на настанот имаше околу 3.000 луѓе.

    Останатите пет милиони денари за Битфест се бараат за да се збогати културната програма, зашто досега се предвидени само традиционалните манифестации.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира