Генералниот секретар Јенс Столтенберг изјави дека членките на НАТО ќе договорат значителен пакет за Украина на самитот во Вашингтон, на кој се одбележуваат 75 години од основањето на западната воена алијанса.
„Ова ќе биде историски самит. Не само што одбележуваме 75 години постоење, туку и ќе донесеме важни одлуки за иднината“, изјави Столтенберг.
Тој најави дека пакетот за Украина ќе се состои од пет дела, што вклучува ветување за долготрајна поддршка, нови билатерални договори и моментална помош во вид на противвоздушна одбрана.
„Овие пет елементи претставуваат силен мост за Украина кон членството во алијансата и убеден сум дека сојузниците потоа ќе ја повторат својата посветеност дека Украина ќе стане членка на НАТО“, порача Столтенберг.
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин кажа дека Џо Бајден и премиерите на Данска и Холандија денеска ќе објават трансфер на авиони „Ф-16“ во Украина.
„Украина ова лето ќе лета авиони ‘Ф-16‘, Трансферот е во тек“, изјави Остин, додавајќи дека авиони ветиле и Норвешка и Белгија.
Володимир Зеленски им се заблагодари на Данска и Холандија за авионите.
„Ова е јасен сигнал дека способноста на Русија да ги тероризира Украинците и украинските градови ќе продолжи да се намалува“, напиша Зеленски на Икс.