Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован Мицкоски, го придружуваше татка си на официјалното патување во САД за Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата. Ова беше прво официјално патување на премиерот кој ја предводеше официјалната делагација со неколку министри и соработици. Сопругата на премиерот, Рози, не го придружуваше на ова патување.
Според фотографијата што е споделена на социјалните мрежи, снимена на терасата на Институтот за надворешна политика на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ каде премиерот Мицкоски одржа предавање на почетокот на посетата на 8 јули, Јован е во друштво на татка си, на американскиот експерт Едвард Џозеф и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. По Вашингтон, делегацијата престојуваше и во Њујорк.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати за официјален одговор од Владата на прашањата:
Од кои причини синот на премиерот Христијан Мицкоски беше дел од државната делегацијата на посетата на САД за самитот на НАТО? Какви активности имаше синот на премиерот при оваа посета на САД? Дали синот на премиерот патуваше во САД на државна сметка и колку чини патувањето?
Од Владата не добивме одговор, но за темата има соопштение од партијата на премиерот Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ.
„Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски… Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив сè е транспарентно“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ како реакција на претходно соопштение на СДСМ за оваа тема.
Неколку часа подоцна, како реакција на прес-конференција на СДСМ, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) соопшти дека „за патувањето на Јован Мицкоски не се потрешена средства од Буџетот на Република Северна Македонија“.
„Би сакале да ја информираме јавноста, дека делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако Претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството“, соопшти МНР.
Лани во мај, тогашниот премиер Димитар Ковачевски од СДСМ на официјалната посетата во Вашингтон и Њујорк беше во придружба на сопругата и ќерката и синот, а по враќањето на прес-конференција на новинарско прашање одговори дека трошоците за патувањето на неговите деца не се на товар на државниот буџет.
„Мојата сопруга ме придружува на патувањата за кои има покана, каков што беше случајот со посетата на САД, односно според протоколот и поканата. Што се однесува до трошоците за моите деца, за нив не е потрошен ниту еден денар од државниот буџет. Моите деца имаат право да патуваат како и секој друг граѓанин од државата. Ако треба и за нив да поднесам копии од сметките ќе го сторам тоа“, кажа тогашниот премиер Ковачевски.
Претходно, на 23 мај 2022, тогашниот премиер Димитар Ковачевски во придружба на ќерката Тамара Ковачевска и владина делегацијата беа примени од Папата Фрањо во рамките на дводневна посета во Рим и Ватикан за традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.