Американскиот претседател Џо Бајден во говорот од Овалната соба во Белата куќа синоќа ги замоли Американците да ја намалат политичката температура и да запомнат дека се соседи, откако потенцијалниот атентатор го рани републиканскиот ривал Доналд Трамп. Пукањето врз Трамп на митинг во Пенсилванија во саботата „нè повикува сите да направиме чекор назад“, рече Бајден. За среќа Трамп не беше сериозно повреден, рече тој.
„Не можеме да дозволиме ова насилство да се нормализира. Политичката реторика во оваа земја е многу вжештена. Време е да се олади“, рече тој. „Сите имаме одговорност да го направиме ова“. „Во Америка ги решаваме нашите разлики на гласачките кутии. Така го правиме тоа. На гласачката кутија. Не со куршуми“, рече Бајден во говорот долг околу седум минути, а во живо го пренесуваа големите информативни мрежи и конзервативниот канал Фокс њуз.
Ова е третпат Бајден да се обрати од Овалната соба за да коментира прашања од големо значење за Американците откако тој ја презеде власта во 2021. Овојпат е на помалку од 4 месеци пред изборите на 5 номеври, а политиката иднина на Бајден е доведена во прашање.
Обраќањето на Бајден му овозможи да ја демонстрира моќта на должноста, важна симболична слика додека се бори со некои во неговата Демократска партија кои сакаат 81-годишниот лидер да се повлече од барањето реизбор, поради загриженоста дека нема ментална острина за уште еден четиригодишен мандат.
Бајден помина низ неколку случаи на политичко насилство во САД во последниве години,меѓу кои и нападот на Капитолот на САД од лојалистите на Трамп на 6 јануари 2021 и повредата со ќотек на Пол Пелоси, сопруг на поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, во 2022.
„Насилството никогаш не било одговор“, рече Бајден.
Четворица американски претседатели се убиени, а неколку избегале од обиди за атентат. Застрелани се повеќе претседателски кандидати, некои фатално.
„Вечерва барам од секој Американец повторно да се обврзе“, рече Бајден. „Омразата не смее да има безбедно место“.
Но, тој рече дека е фер да се спротивстави неговата визија со онаа на поранешниот претседател и дека планира да го стори тоа наскоро.
20-годишниот маж кој се обиде да го убие поранешниот претседател Доналд Трамп, првпат го привлече вниманието на полицијата на митингот во Батлер, Пенсилванија во саботата, кога гледачите забележаа дека тој чудно се однесува во близина на настанот. Пријавата предизвика итна потрага, но полицајците не успеале да го најдат пред да успее да се качи на покривот, каде што почнал да пука.
По пукањето во кое загина еден гледач, а двајца се тешко повредени, инспекторите бараат какви било индиции за тоа што можеби го натерало Томас Метју Крукс, од Бетел парк, Пенсилванија, да го изврши шокантниот напад. ФБИ соопшти дека го истражуваат случајот како потенцијален чин на домашен тероризам, но отсуството на јасен идеолошки мотив од човекот застрелан од Тајната служба овозможи да процветаат теориите на заговор.
ФБИ соопшти дека верува оти Крукс, кој имал материјали за правење бомби во автомобилот што го возел на митингот, дејствувал сам. Инспекторите не нашле заканувачки коментари на профилите на социјалните мрежи или идеолошки позиции кои би можеле да помогнат да се објасни што го навело да го таргетира Трамп.
Крукс матурирал во средното училиште Бетел Парк во 2022. Во неговата последна година, Крукс беше меѓу неколкуте студенти на кои им беше доделена награда за математика и наука. Тој се обидел влезе во стрелачкиот тим на училиштето, но бил одбиен бидејќи бил лош стрелец, рече Фредерик Мах, сегашен капитен на тимот кој беше неколку години зад Крукс во училиштето. Џејсон Колер, кој рече дека одел во исто средно училиште, но не немал иста настава со Крукс, рече дека Крукс бил малтретиран на училиште и седел сам на ручек. Другите ученици му се потсмеваа за облеката што ја носеше, меѓу која и облека за лов, рече Колер.
Крукс работел во дом за стари лица како помошник во исхраната, работа која генерално вклучува подготовка на храна. Марси Грим, администраторката на домот, во изјавата рече дека била „шокирана и тажна кога дознала за неговата вмешаност“. Грим додаде дека Крукс имал чисто досие при проверките кога бил вработен.