Во земјава стигнаа турски хеликоптер и два „ер-трактора“ за помош при гаснењето на пожарите во струмичко Ново Село и на планината Серта, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Во моментов има 9 активни пожари.
Ангелов кажа дека пожарот на планината Серта сѐ уште е активен, и тоа на три точки на териториите на Општина Штип, Неготино и на Општина Конче од другата страна на планината. Покрај овие, има уште еден пожар во Општина Ново Село во непосредна близина на границата со Бугарија, на планината Огражден.
„Нашиот фокус денес ќе биде ставен на овие два пожара. Рано утрово пристигна меѓународна помош од Турција. На аеродоромот слета еден турски хеликоптер, како и два турски ‘ер-трактори’. Двата турски ‘ер -трактори’ заедно со двата ‘ер-трактори’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) веќе се полетани и ќе започнат со дејство врз пожарот во струмичко Ново Село, додека еден полициски хеликоптер утринава почна со гаснење на пожарот на планината Серта, а ќе му се приклучат и армиски и турски хеликоптер“, кажа Ангелов.
Владата во саботата вечер прогласи кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена, а меѓу другото, го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП „Национални шуми“ – П.О. Скопје, за наредната седница на Владата да информира за состојбите и потребата од ограничување на движењето на лица во шумите и шумските појаси.
Б. НЕСТОРОСКА