Четири лица од Косово со мотори нелегално ја поминале границата и се движеле во строго заштитената зона на Националниот парк (НП) Шар Планина. Со брза интервенција на вработените од националниот пак и службеници на МВР, моторџиите биле приведени, а моторите им биле одземени.
Движењето со мотори по планината им прави големи штети на високите планински пасишта и придонесува за големо уништување на природата.
„При вршење теренска контрола службите на ЈУНП Шар Планина во соработка со службите на Министерството за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден затекнаа четири лица државјани на Република Косово кои нелегално ја поминале границата со крос мотори движејќи се по високо планинските пасишта на територија на Национален парк Шар Планина во зоната на строга заштита. Поради основано сомнение дека се направени прекршувања на повеќе закони, меѓу кои и Законот за заштита на природата, лицата беа приведени, а крос моторите одземени и предадени на соодветните државни органи. Движењето на моторни возила во зоната на строгата заштита е строго забрането и казниво по закон поради деградацијата на почвата и вознемирувањето на заштитените диви животински видови“, се вели во соопштението испратено од Националниот парк Шар Планина.
За да се овозможи мир на дивите животни, заштита на природата и ресурсите во приватна сопственост како и уживање на љубителите на природата во Национален парк,, за движењето со моторни возила на територија на Шар Планина е воспоставен режим на движење. Патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата, велат од Паркот.
З. АНДОНОВ