КАФЕАНЏИИТЕ НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ НА ДИВО ПОСТАВИЈА МАСИ НИЗ ШЕТАЛИШТЕТО, МАЛКУ ИМ Е ЗАЗЕМЕНИОТ ЈАВЕН ПРОСТОР НА КОЈ ТЕРАСИТЕ ГИ ПРЕТВОРИЈА ВО ЗАТВОРЕНИ ПУШАЛНИ

    КАФЕАНЏИИТЕ НА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ НА ДИВО ПОСТАВИЈА МАСИ НИЗ ШЕТАЛИШТЕТО, МАЛКУ ИМ Е ЗАЗЕМЕНИОТ ЈАВЕН ПРОСТОР НА КОЈ ТЕРАСИТЕ ГИ ПРЕТВОРИЈА ВО ЗАТВОРЕНИ ПУШАЛНИГаздите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столици низ плочникот, па на диво ги поставија во договорена акција на сите угостители меѓу клупите за пешаци. (Фото: К. Попов)

    Кафеанџиите од кејот 13 Ноември во Скопје ги распослаа масите и столиците на шеталиштето, иако тоа не им е дозволено. Откако кејот беше реновиран пред три години во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кафеанџиите добија дозвола да имаат тераси само пред објектите. Беше точно обележано до каде можат да се простираат и добија плус 3,5 метри од јавниот простор. Но, сега газдите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столици низ плочникот, па на диво ги поставија во договорена акција на сите угостители. Масите се поставени помеѓу клупите за пешаци со што всушност им се блокира пристапот на сите пешаци што сакаат да седнат да одморат, а притоа да не мора да седат во кафеана.

    Кафеанџиите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло, па наместо тераси станаа затворени објекти за да може да се пуши во нив. Сега сакаат да имаат маси и на отворено бидејќи терасите им се заградени, а гостите сакаат да седат надвор.

    Кафеанциите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло и наместо тераси станаа објекти за да може да се пуши во нив. (Фото: К. Попов)

    Кога се реновираше кејот Шилегов кажа дека низ плочникот нема да има маси и тој ќе биде слободен за прошетки. Кафеанџиите не беа задоволни од ваквата одлука, но ја почитуваа до пред една година. Лани летото исто на диво ги извадија масите, но по пишувањето на медиумите и реакцијата од Град Скопје беа отстранети. Сега вторпат пробуваат на диво да го заземат шеталиштето.

    До реновирањето во 2021 на кејот владееше хаос, целиот беше блокиран од тераси кои беа заградени и претворени во пушални и објекти, не само пред влезот, туку и среде кејот. Насекаде имаше паркирано коли, искршен беше плочникот, а клупите демолирани. САКАМДАКАЖАМ.МК со години пишуваше за овој проблем, по што во време на Шилегов кејот се среди и сè досега функционираше како шеталиште без коли.

    Реконструкцијата на кејот, при која беа поставени нов плочник, клупи и ново осветлување, чинеше 1,5 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира