ПО 15 ГОДИНИ, КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ ОСЛОБОДЕН ОД КАФЕАНИТЕ ШТО ГО ЗАЗЕДОА ЦЕЛОТО ШЕТАЛИШТЕ

    ПО 15 ГОДИНИ, КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ ОСЛОБОДЕН ОД КАФЕАНИТЕ ШТО ГО ЗАЗЕДОА ЦЕЛОТО ШЕТАЛИШТЕПросторот сега е отворен, се гледа дрворедот стар со години, кој беше скриен и заземен од објектите на кафулињата. (Фото: К. Попов)

    Кејот 13 Ноември во строгиот центар на Скопје конечно, после повеќе од петнаесет години, е ослободен од кафеаните со кои беше зафатено и блокирано цело шеталиште. Деновиве, кафеанџиите по налог на Град Скопје завршија со отстранување на терасите од средината на шеталиштето, кои всушност беа објекти заградени од сите страни.

    Просторот сега е отворен, се гледа дрворедот стар со години, кој беше скриен и заземен од објектите на кафулињата. Останаа само терасите кои исто така се заградени од сите страни пред локалите. По завршување на реконструкцијата на кејот кафеанџиите нема да смеат да поставуваат маси и столици во средина, а за возврат ќе добијат да ги прошират терасите пред објектите за плус 3.5 метри.

    Град Скопје минатиот месец почна со проектот за реконструкција на кејот со што, како што најави градоначалникот Петре Шилегов, овој дел од центарот на градот летово ќе добие комплетно нов лик.

    И по реконструкцијата низ кејот ќе минуваат коли, но Шилегов тврди дека тоа ќе бидат многу мал број возила на „Телеком“ и ќе им биде дозволено движење само од 8 до 9 часот и од 14 до 17 часот.

    „Кај хотелот ‘Холидеј ин‘ ќе имаме две бетонски бариери кои ќе спречат влез на возила освен во строго определен број, во строго определено време. Немам намера да дозволам да се потрошат 88 милиони денари, а за година и половина да имаме иста ваква ситуација. Ќе направам сè што е во моќ на Градот и во соработка со МВР да се спречи такво дивеење“, рече Шилегов на почетокот на реконструкцијата на кејот.

    Реконструкцијата чини 1.5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира