КОМПАНИИТЕ БАРААТ ПОВИСОКА ЦЕНА НА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ, ЦЕВКАТА НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ УШТЕ НЕ Е ПОСТАВЕНА

    КОМПАНИИТЕ БАРААТ ПОВИСОКА ЦЕНА НА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ, ЦЕВКАТА НА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ УШТЕ НЕ Е ПОСТАВЕНАБидејќи цевката сè уште не е поставена се користат алтернативни начини за пренос на топлинската енергија, но тоа е со намален капацитет. (Фото: К. Попов)

    Дел од компаниите бараат да се зголеми цената на парното за 50 отсто. Регулаторната комисија за енергетика ги разгледува барањата и утре ќе ја соопшти новата цена на парното, односно дали скопјани оваа зима ќе плаќаат поскапо парно или цената ќе остане иста.

    „Најголем дел од компаниите побараа зголемување на цената на парното и до 50 отсто, додека дел од нив се и со барање за намалување, како ЕСМ производство и енергетика. Она што е клучно да се напомене е дека просечната цена на гасот годинава е значајно пониска во споредба со претходната година, но од друга страна, субвенциите од оваа грејна сезона нема да ги има“, велат од Регулаторната комисија.

    Проблемот, како што велат од Регулаторната комисија, е што сè уште не се поставени цевките за парно на мостот „Беласица“, кој беше опожарен лани во мај. Иако државната ЕСМ требаше да ја постави цевката уште ланската сезона, тоа не е сторено. Во моментов се користат алтернативни начини за пренос на топлинската енергија, но тоа е со намален капацитет. Доколку се случи зимата да биде со температури длабоко под нулата, тогаш граѓаните би останале со ладни радијатори.

    Во Скопје на системот за парно греење се приклучени 63.000 домаќинства. Од нив, најмногу 58.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 на железарското парно и 400 домаќинства на Топлификација Север.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира