Едно лице загина во пожарот кој денеска попладне го зафати кумановското село Кокошиње. Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот кој брзо се ширел поради ветерот ја зафатил куќата во која живеело загинато лице заедно со сопругата.
„Станува збор за повозрасно лице кое најверојатно се загушило од чад. Неговата сопруга е успешно евакуирана“, кажа директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Активни пожари кои тешко се гаснат поради ветрот има во 12 села и тоа во Кумановско, Старо Нагоричане, Свети Николе, Штип и Пробиштип.
„Според првичните информации, изгорени се повеќе куќи, дел од нив се стари и напуштени, но дел се нови и во нив живееат селани кои се успешно евакуирани. Сите пожари почнаа речиси во исто време и затоа беа многу тешки за гаснење. Покрај пожарникарите интервенираат полицискиот и армискиот хеликоптер, како и трите ‘ер трактори’, но проблем беше ветрот“, вели Ангелов.
Тој апелираше до граѓаните да бидат внимателни бидејќи ветер и топло време се очекува и во наредните денови.
А. АНТЕВСКА