Со свечена седница на Владата денеска се одбележа 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, на која говореше премиерот Христијан Мицкоски. Тој ече дека треба да се биде реален и да се каже дека „донесувањето на овој договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак Рамковниот договор го донесе тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот“.
„Од овој аспект мора да се разбере дека ова е заедничка татковина за сите, и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров, на права но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Тоа што сме различни по етничката можеби и по верска припадност не нѐ прави различни по потребите и приоритетите, а главна потреба на сите нас е подобриот живот. Имаме исти заеднички проблеми и затоа треба заеднички да нудиме решенија и да ги и да ги решаваме тие проблеми. Не можам да кажам дека сите придонесуваат можеби подеднакво во овој процес. Многу долго одредени политички елити Рамковниот договор, но и етничките права воопшто како такви ги користат како прекривка за прикривање на своите лични и најчесто лукративни интереси, но и фактот дека предолго и преинтензивно етничките теми се злоупотребуваат, се градат кариери во тоа име додека реалниот живот, животот на оние кои подеднакво го делат секојдневието како и сите останати граѓани е се потежок и се понесреќен“, рече премиерот и додаде:
„За одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар и се спроведува само под услов кога истите тие се на власт, веднаш потоа откако ќе бидат опозициска смислуваат критики и креативни решенија на негово надополнување но и различно читање во правата и обврските кои произлегуваат од него. Притоа заборавајќи колку е скапа цената на тој договор и дека тој договор меѓу другото е напишан и со многу страдања и жртви од сите страни и во извесна мера тоа е и непочит кон тие жртви кои ги има, ќе повторам од сите страни“.
Тој кажа дека Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, „но она што не е завршено и на што мораме да работиме се реалните проблеми на нашите сограѓани“.
„Јавноста не треба да паѓа во замката на нови и нови бесконечни етнички барања на партите кои сега се опозиција. Тие ја имаа својата шанса и времето го потрошија на лично богатење, и наместо да бидат посветени на борбата да победуваат за подобар живот на граѓаните, посилно образование, економија, повеќе пари за граѓаните, тие одлучија да градат за себе дворци, хациенди, да купуваат трговски центри, да злоупотребуваат сѐ што може да се злоупотреби“, рече Мицкоски.
На седницата говореше и првиот вицепремиер Изет Меџити кој му заблагодарам на премиерот „што ќе даде милијарда евра за сите општини за децентрализација, каде што е дел и од Охридскиот рамковен договор и коишто ќе решава многу есенцијални проблеми во нашите населени мести и во нашите општини, во функција на подобар живот на сите граѓани во Република Северна Македонија“.