Затворениот базен што 4 години се гради во Штип деновиве можеше да изгори заедно со палетите и материјалите оставени со години во дворот на базенот, ако не беше брзата интервенција на противопожарниците единици. По повикот, пожарникарите го локализираа пожарот што ја зафати лимената ограда на локацијата и не дозволија да се прошири кон објектот.
На самиот влез на локацијата во месноста К’ртеќе или Бриони, во чија близина своевремено требаше да се гради и Универзална спортска сала, веќе петта година стои табла дека инвеститор на изградбата на затворен пливачки базен е Агенцијата за млади и спорт, а склучениот договор е од 7 февруари 2020. Со одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски и тогашните општински власти, изведувач на работите е „Енергоинвест трејд“. На 14 февруари 2020, тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски го постави камен-темелникот во Штип и рече дека овој објект e со димензии од 25 метри должина и 9 метри ширина. Базенот ќе чини 600.000 евра и е капитален објект, посебно значаен за младите штипјани. По неколку месеци престанаа градежните работи.
Новиот министер за спорт Борко Ристовски, кој е на функцијата месе и пол, ни изјави дека воопшто не е запознаен со случајот на затворениот зимски базен во Штип и дека допрва ќе следи увид.
„Очекувам за овој и некои други спортски објекти кои се во тек на изградба во Штип да добијам поконкретни информации и планови од градоначалникот на Штип и секако дека овие инвестиции во спортот ќе влезат во мојата програма за работа, а тоа значи дека ќе се изврши проверка на документацијата, а некој ден ќе се изврши увид и на објектот на самата локација“, ни рече Ристовски.
По ставањето на камен-темелникот пред четири и пол години, Каевски за цело време на неговиот мандат и како директор на Агенцијата и како пратеник не дојде во Штип да виде што се случува со изградбата. А ни следниот директор на Агенцијата Наумче Мојсоски не покажа интерес ниту дојде во Штип на увид во изградбата на базенот .
Т. ЈОВАНОВСКИ