Општина Кисела Вода ќе врши засилени контроли на Расадникот за да се спречат нови пожари. По пожарот кој во вторникот изби и зафати голема површина на Расадникот, од Општината најавуваат дека нивните служби секој ден ќе патролираат околу просторот.
„Со цел да се обезбеди поголема заштита во Расадникот, Општина Кисела Вода планира засилени контроли од страна на општинските комунални редари и инспектори. Воедно, апелираме и до сите граѓани правилно и совесно да го одложуваат отпадот, исклучиво на места кои се предвидени за таа намена“, велат од Општина Кисела Вода.
Расадникот во Кисела Вода е најголемата и последна зелена површина од тој размер која е на само 2 километра од центарот на Скопје. Пожарот зафати голема површина, а бидејќи брзо се ширеше стигна и близу зградите вдолж работ.
- ПОД КОНТРОЛА Е ПОЖАРОТ ВО РАСАДНИК, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЃОРЃИЕВСКИ ВЕТИ ДЕКА НИКОЈ ВЕЌЕ НЕМА ДА ГРАДИ НА ОПОЖАРЕНИ ПОВРШИНИ
- ВО СКОПСКИ РАСАДНИК ЌЕ ИМА ЗГРАДИ, НО НЕМА ДА БИДЕ СПАЛНА СОБА ТУКУ ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ ХУМАН ЖИВОТ, КАЖА ЖИРИ-КОМИСИЈАТА ЗА РЕШЕНИЈАТА ОД КОНКУРСОТ
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски после пожарот изјави дека нема да дозволи да се гради на опожарената површина.
„Неколку засегнати граѓани кои заедно со мене се бореа против урбанистичко дивеење, гледам по одредени свои реакции, исплашени се да не е пожарот намерен и тенденциозен за да подоцна некој гради згради, како во некои други времиња. Можам да истакнам и да гарантирам дека моја заложба беше да се поништи штетниот ДУП за Расадник со 99 згради и да се објави меѓународен конкурс и транспарентно Општината го води процесот, така што, ниту еден пожар, ниту една било каква непогода, не може да влијае против мојата намера граѓаните заедно со експертите да го креираат и изберат новиот ДУП“, објави Ѓорѓиевски на својата фејсбук страница.
Со стариот Детален урбанистички план за Расадник на просторот се предвидуваа 100 нови згради. Општина Кисела Вода по доаѓањето на функција на Ѓорѓиевски распиша конкурс за идејни решенија за уредување на просторот според кои треба да се изработи новиот ДУП. Идејните решенија од конкурсот не исклучуваат згради на просторот, односно предвидуваат да се гради, но како што рекоа архитектите за 80 отсто е намалена станбената површина.
А. АНТЕВСКА