Стопирани се сите градежни работи на автопатот Скопје-Куманово откако на 2 септември во сообраќајна несреќа загинаа татко и малолетниот син, бидејќи нивното возило удри во камион на изведувачот паркиран во коловозната лента. соопшти Обвинителството.
По наредба на јавен обвинител, инспектор за патишта од Државниот инспекторат за транспорт извршил вонреден инспекциски надзор над градежните работи што ги изведува правно лице на автопатот А2, клучка Хиподром-наплатна станица Миладиновци. По извршениот надзор, издадено е решение со кое се задолжува правното лице веднаш да ги запре сите градежни работи.
„Градежните работи ќе бидат стопирани до добивање на одобрение од надлежен орган за времена измена на режимот на сообраќај за изведување работи на левата, брза сообраќајна лента. Во меѓувреме, правното лице треба да постави и одржува времена вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација со која ќе овозможи безбедно и непречено одвивање на сообраќајот на автопатската делница“, соопштија од Обвинителството.
По тешката сообраќајна несреќа, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица, Р. П. (58) од село Глумово кој го паркирал камион на лентата за сообраќај и П. М. (55) одговорно лице на правниот субјект. Тие се товарат дека сториле кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
„Проверките за целосно испитување на кривичната одговорност за настанот се во тек, а по краткотрајниот притвор од 48 часа, по предлог на јавниот обвинител, на двете лица им се определени мерки на претпазливост“, велат од Обвинителството.