АКО ИМААТ ЖЕЛБА ДА НЀ ПРИМАТ ВО ЕУ, ЌЕ НАЈДАТ И НАЧИН, НЕ ПРИФАЌАМЕ ВЕЌЕ БИЛАТЕРАЛНИ УЛТИМАТУМИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО СРЕДБИТЕ ВО БРИСЕЛ

    АКО ИМААТ ЖЕЛБА ДА НЀ ПРИМАТ ВО ЕУ, ЌЕ НАЈДАТ И НАЧИН, НЕ ПРИФАЌАМЕ ВЕЌЕ БИЛАТЕРАЛНИ УЛТИМАТУМИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО СРЕДБИТЕ ВО БРИСЕЛПремиерот имал работен ручек со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел. (Фото: Влада)

    Ако има желба има и начин, не прифаќаме ултиматуми од типот: Тие се внатре во Европската унија, вие сте надвор, вели премиерот Христијан Мицкоски по денешната посета и средби со европските челници во Брисел. Како што соопштија од Владата, премиерот имал работен ручек со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со останатите лидери на земјите од Западен Балкан и со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

    На средбите Мицкоски кажал дека интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот треба да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.

    „Ние поради билатерални прашања, прашања кои што се поврзани од средниот век, не можеме да се развиваме како држава за 21., 22. век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот ‘Тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите’, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А, од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин. Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“, вели Мицкоски.

    На ручекот на Мицкоски му било посочено дека е потребно да се направат жртви во процесот на интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија.

    „Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже – ама тоа е правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум“, додава Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира