КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ КОИ КУЌАТА СО ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА ВО ОХРИД ЈА НАДГРАДИЛЕ И ДОГРАДИЛЕ ВО МОДЕРЕН ОБЈЕКТ

    КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ КОИ КУЌАТА СО ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА ВО ОХРИД ЈА НАДГРАДИЛЕ И ДОГРАДИЛЕ ВО МОДЕРЕН ОБЈЕКТОтстранета беше и мермерната спомен-плоча која беше потсетник на историски настан од антифашистичката борба 1941 година која до денес не е вратена, иако беше изречена глоба и нареда за враќање, а објектот кој е со историско значење денес има нов современ лик. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Охрид по спроведена истражна постапка поднесе обвинение против две лица за кривично дело „Бесправно градење“ согласно член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, на возраст од 49 и 48 години, како соизвршители на 27.07.2023 година започнале да градат објект на нивно земјиште, без одобрение за градба издадено од надлежен орган.

    Објектот со историско значење и препознатлива градба и фасада во центарот на градот се градеше по проект за реконструкција, а градителот отстапувајќи од проектот ја наруши и автентичноста и оригиналноста на градбата. Отстранета беше и мермерната спомен-плоча која беше потсетник на историски настан од антифашистичката борба 1941 година која до денес не е вратена, иако беше изречена глоба и нареда за враќање, а објектот кој е со историско значење денес има нов современ лик.

    На постоечкиот објект во центарот на Охрид изградиле доградби од северната страна, во сутеренот, приземјето и на катот, проширувајќи ги со армирани бетонски плочи и столбови, по што продолжиле да го надградуваат објектот со две армирано бетонски плочи со кои ја зголемиле неговата катност.

    Овластен градежен инспектор на предметната парцела изврши вонреден надзор и изготви записник лани на 14 август според кој, при увидот на лице место било констатирано дека инвеститорите изградиле нелегални доградби на објектот, спротивно на Одобрението за реконструкција издадено од Општина Охрид. Градежниот инспектор донел Решение за отстранување на доградбите, а градилиштето со полициска асистенција го затвори со лента и заштитен знак, но инвеститорот ја отстрани жолтата лента и продолжи со градбата.

    Основното јавно обвинителство Охрид презеде истражни дејствија, спроведе вештачење од вешто лице од градежна струка, а беа прибавени и други писмени докази како и испитување на осомничените лица по што поднесе обвинителен акт за кривично дело „Бесправно градење“.

    Против првиот обвинет во овој предмет се води судска постапка за уште едно бесправно градење во центарот на Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира