43 ЛИЦА ПРИМЕНИ НА ТОКСИКОЛОГИЈА И ДЕТСКА КЛИНИКА ПО ПОЖАРОТ ВО СТАНБЕНА ЗГРАДА ВО ЧАИР

    43 ЛИЦА ПРИМЕНИ НА ТОКСИКОЛОГИЈА И ДЕТСКА КЛИНИКА ПО ПОЖАРОТ ВО СТАНБЕНА ЗГРАДА ВО ЧАИРНа Клиниката за детски болести биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. (Фото: К. Попов)

    Четириесет и три лица се хоспитализирани по пожарот во зграда во скопски Чаир што избувна утринава. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување, објави агенцијата МИА, а на Клиниката за детски болести биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.

    Според директорот на Клиниката за токсикологија д-р Андон Чибишев, таму денеска имало 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување.

    „Од 3:30 по полноќ, до 14 часот, низ нашата клиника се поминати 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување. Ја примија соодветната терапија, сите се стабилни“, рече тој.

    На Детската клиника, според директорот д-р Реџеп Мемеди, денеска биле примени 12 деца на возраст од 5 месеци до 11 години.

    „Вкупно 12 деца дојдоа кај нас на возраст од 5 месеци до 11 години. На прием кај нас беа во релативно стабилна состојба. Само 4-5 од нив ги ставивме на кислородна поддршка. Тие се мониторирани и направени анализи, сите беа во стабилна состојба во однос на виталните функции. Од нив 10 деца на барање на родителите се испишани, наша препорака беше да ги задржиме. Само две се задржани“, вели тој.

    Помеѓу хоспитализираните лице, како што претходно соопштија од Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи, имало и еден полицаец и еден пожарникар.

    МВР соопшти дека во 01:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улица Серава во Скопје. На лице место била упатена екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Центарот за управување со кризи информираше дека интервенцијата се извршувала со седум возила и 20 пожарникари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира