ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ОД ПРИЛЕП ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА НА ПАТОТ КОН БИТОЛА ПО СУДИР СО КАМИОН

    ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ОД ПРИЛЕП ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА НА ПАТОТ КОН БИТОЛА ПО СУДИР СО КАМИОНРистески, Василески и Јованоска денеска загинаа во сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. (Фото: Болница „Плодност“)

    Прим. д-р Александар Ристески, радиолог, специјалист гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска утринава загинаа во сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. Во несреќата е повредено и едно лице.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопшти дека дежурен јавен обвинител од ОЈО Прилеп изврши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола.

    „Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на патничко возило ‘тојота’ со прилепски регистарски ознаки и товарно возило ‘волво’ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат.
    Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините“, вели Обвиителството.

    Информацијата за смртта на медицинските лица ја објави болницата „Плодност“ во Битола, каде тие биле тргнати утринава од Прилеп.

    „Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница „Плодност“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира