РЕПЕРТОАРОТ ВО ОПЕРАТА И БАЛЕТОТ ЌЕ СЕ ПРАВИ ОД ЈАНУАРИ ДО ЈАНУАРИ, НАЈАВИ ДИРЕКТОРОТ ОЛИВЕР АРСОВСКИ

    РЕПЕРТОАРОТ ВО ОПЕРАТА И БАЛЕТОТ ЌЕ СЕ ПРАВИ ОД ЈАНУАРИ ДО ЈАНУАРИ, НАЈАВИ ДИРЕКТОРОТ ОЛИВЕР АРСОВСКИРаководителот на маркетинг секторот Бурхан Дибрани, директорот Оливер Арсовски и уметничките директори Христо Саракинов и Киро Павлов на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Репертоарот на Националната опера и балет (НОБ) отсега ќе се објавува од јануари и ќе важи до наредниот јануари, најави денеска в. д. генералниот директор Оливер Арсовски. Арсовски заедно со уметничките раководители на Операта и на Балетот, Христо Саракинов и Киро Павлов, го претставија репертоарот на националната установа до крајот на годината, потенцирајќи дека ќе има по повеќе претстави месечно, во споредба со изминатите години.

    „Националната опера и балет не е Универзална сала. Изминатите години прво се гледало да се даде за изнајмување, па после да има простор за претставите од репертоарот. Тоа веќе нема да се случува. Прво ние ќе го пополниме календарот, па ако има место, ќе ја изнајмуваме за други проекти“, кажа Арсовски. Од јануари, додаде тој, сигурно ќе има по 2 оперски и 2 балетски претстави од железниот репертоар, а сѐ останато ќе бидат концерти, рецитали, претстави на мала сцена.

    Павлов најави поголема активност на малата сцена, детски претстави, како и промовирање и вложување во нови балетски имиња, кои ќе го носат репертоарот во наредните 20 години.

    Ноември ќе биде посветен на одбележување на 100 години од смртта на италијанскиот композитор Џакомо Пучини. На 8 ноември е најавена „Боеми“, на 16 ноември е „Мадам Батерфлај“, на 23 ноември е „Тоска“ и на 29 ноември е закажана „Турандот“. Претставите ќе бидат со странски диригенти и пејачи.

    Сезоната во НОБ се отвора утревечер со кантатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира