ЗА 5 ГОДИНИ ВО ПЕНЗИЈА ЗАМИНАЛЕ 177 СУДИИ, А БИЛЕ ИЗБРАНИ САМО 52 ЗАШТО МОРАЛО ОТИ БИЛЕ ОД АКАДЕМИЈАТА, СЕ ЗАКАНУВА КОЛАПС НА СУДСТВОТО

    ЗА 5 ГОДИНИ ВО ПЕНЗИЈА ЗАМИНАЛЕ 177 СУДИИ, А БИЛЕ ИЗБРАНИ САМО 52 ЗАШТО МОРАЛО ОТИ БИЛЕ ОД АКАДЕМИЈАТА, СЕ ЗАКАНУВА КОЛАПС НА СУДСТВОТОМесто да бира и унапредува судии, Судскиот совет се бавеше со пуч, со кавги, со незаконско разрешување на претседателката, а се уриваа огласи од инает, само затоа што Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје немал гласови за да стане врховен судија. (Фото: СДК.МК)

    Тотален колапс на судството ќе има за околу 10 години ако продолжи ова темпо на одлив на судии и неизбирање нови, вели исцрпната анализа на невладината „Коалиција сите за правично судење“, според која за 5 години, во пензија и нешто со разрешувања од судството заминале 177 судии, а биле избрани само 52 од дипломираните кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.

    „За само 5 години, бројот на судии се намалил за една четвртина и за деценија-две отсега, судовите не само поради недостигот на судии, туку и поради недостигот на јавната судска служба, ќе колабираат. Алармантна е состојбата со човечки кадар, ресурси и услови за работа, не само во судовите, туку и во јавните обвинителства“, кажа денеска Лејла Тутиќ од „Сите за правично судење“ на презентацијата на анализата на ресурсите во судството и во обвинителството на Македонија.

    За пет години, бројот на судии се намалил за една четвртина. Не само судии и обвинители, загрижувачки е недостатокот и на службеници додека бројот на предмети расте. Практично, овие 5 години немало ни „тефтерчиња“ за избор на судии, како што се препукуваат политичките партии. Да имало, судиите  ќе биле бирани или унапредувани. Имало само одлив на судии, инертност и несериозност, на штета на владеењето на правдата и на сите граѓани.

    Место да бира и унапредува судии, Судскиот совет се бавеше со пуч, со кавги, со незаконско разрешување на претседателката, а се уриваа огласи од инает, само затоа што Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје немал гласови за да стане врховен судија.

    И кај тие 50-ина млади избрани кадри во основните судови има проблем, затоа што не може веднаш да судат за тешки кривични дела или во граѓанските одделенија кај што не може веднаш да судат во спорови за голем вредност. Треба да поминат 3 години за такво нешто. Тие не можат веднаш да седнат ни во Одделението за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд Скопје.

    Најголем број на судии (38) се одлеале од Апелациониот суд Скопје. Но, процентуално највеќе настрадала Битолска апелација, од каде што има егзодус на судии од 40 отсто во однос на 2020 година. Додека бројката на судии вртоглаво паѓа, од 494 во 2020 на  369 во 2024 година, бројот на судски предмети пораснал од 118 илјади во 2020, на 161 илјада предмети во 2024, вели деталната анализа на оваа невладина организација.

    Катастрофална е состојбата со судски доставувачи, со информатичари во судовите, со мотивацијата за работа на судската и на обвинителската служба. Има котлари и ложачи на оган во печки, нема информатичари, дактилографи, стручни соработници.

    Деталната анализа со податоци за судската, извршната и законодавната власт, ќе биде објавена во ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира