Двајца повредени се во критична состојба по вчерашната тешка сообраќајна несреќа кај Катланово, во која во превртено комбе на лице место загинаа тројца. Четворица повредени вчера биле примени на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ), а еден во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
„Сите четворица пациенти се хоспитализирани во Единицата за интензивно лекување и сите се со тешни телесни повреди, од кои двајца се во критична состојба. Двајца од нив се оперирани веднаш по примот. Лекарските тимови кои од синоќа се дополнително зајакнети се борат за нивниот живот и го пружаат потребниот здравствен третман и нега“, ни изјави утрово директорката на ТОАРИЛУЦ д-р Марија Срцева.
Повредениот кој е во болницата „Св. Наум Охридски“ е во стабилна состојба вон животна опасност.
„Синоќа беше примен 42-годишен маж со изместена чашка на десниот колк. Беше однесен на интензивна нега, чашката беше вратена и сега се наоѓа на одделение со стабилна состојба, но ќе биде потребна операција на колкот во наредните денови“, вели директорот на „Св. Наум Охридски“ д-р Небојша Настов.
Патниците биле работници од Велес, кои работеле во Скопје и патувале со организиран превоз од фирмата во која работеле.
„На 16.10.2024 во СВР Скопје било пријавено дека во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило ‘форд транзит‘ со скопски регистарски ознаки, управувано од О. Д. (32) од Велес, излетало од патот и се превртело. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А. Н. (37), Ј. А. (47) и Д. Ц. (66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобил возачот О. Д. и сопатниците З. С. (59), В. З.(67), Н. Н. (33) и Б. П. (41), сите од Велес, кои биле пренесени во Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’ во Скопје и Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите биле предадени на обдукција.
А. АНТЕВСКА