ОЧЕКУВАМ МЕРКИ И ОДГОВОРНОСТ ОД ДИРЕКТОРИТЕ НА ДВЕТЕ КЛИНИКИ КАДЕ ДОКТОРИТЕ НАПРАВИЈА ПРЕВИД ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА 14-МЕСЕЧНОТО ДЕТЕ КОЕ ПОЧИНА, ВЕЛИ ТАРАВАРИ

    ОЧЕКУВАМ МЕРКИ И ОДГОВОРНОСТ ОД ДИРЕКТОРИТЕ НА ДВЕТЕ КЛИНИКИ КАДЕ ДОКТОРИТЕ НАПРАВИЈА ПРЕВИД ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА 14-МЕСЕЧНОТО ДЕТЕ КОЕ ПОЧИНА, ВЕЛИ ТАРАВАРИ„Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав компетентна комисија кои дадоа детален извештај“, вели Таравари. (Фото: К. Попов)

    Да причекаме да видиме какви мерки ќе преземат директорите на Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, но очекувам од нив да има одговорност, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

    На 5 октомври, на Детска клиника почина 14-месечно девојче, кое претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и родителите го однеле во „Козле“. Комисијата при Министерството за здравство на 14 октомври го објави извештајот од стручниот надзор во кој меѓудругото стои дека на Детска клиника при вториот преглед извршен на 3 октомври е направен превид во проценката за потреба од хоспитализација на дететео, а во „Козле“ констатирана е неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии.

    Таравари денес кажа дека извештајот е веќе испратен и до двете Клиники и до Лекарската комора, и тие според законот, може да поднесат жалби, но до овој момент до Министерството не е стигната жалба.

    „Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав компетентна комисија која даде детален извештај. Извештајот е испратен до клиниките, чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Понатаму ние можеме да постапиме врз директорите, не врз вработените. Нема никаде случај министерот да избрка од работа. Меѓутоа, треба министерот да инсистира за директорите да преземат одредени мерки за тие доктори кои што напраиле превид“, рече министерот на прес-конференција по потпишување на Меморандум за за разбирање со претставничката на Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги (УНОПС), Микела Телатин.

    На новинарско прашање дали тоа значи дека можеби ќе ги разреши директорите, министерот одговори дека треба да се причека да види какви мерки ќе преземат, не би сакал да излегува со претпоставки, но очекува да има некаква одговорност.

    Од Лекарската комора соопштија дека го добиле извештајот од комисијата формирана од министерот за здравство, како и дека добиле допис и од Клиниката „Козле“, во кој оваа здравствена установа дава свое гледиште и став во врска со наводите од извештајот на Министерството за здравство.

    „Во текот на денешниот ден ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, на кој ќе се разгледа доставениот извештај во врска со починатото дете, како и Извештајот од извршениот надзор над стручната работа на  Општа болница Куманово во врска со лекувањето и третманот на починатата родилка М.С. и нејзиното новороденче, кој е подготвен од комисија формирана од министерот за здравство.
    За исходот од работата на Комисијата за етички и правни прашања и донесените одлука за понатамошно постапување дополнително ќе информираме“, вели Комората.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира