18 ОКТОМВРИ ВО ВЕЛЕС ЌЕ БИДЕ ДЕН НА ЖАЛОСТ ЗА ТРОЈЦАТА РАБОТНИЦИ КОИ ЗАГИНАА ВРАЌАЈЌИ СЕ ОД РАБОТА ВО СКОПЈЕ

    18 ОКТОМВРИ ВО ВЕЛЕС ЌЕ БИДЕ ДЕН НА ЖАЛОСТ ЗА ТРОЈЦАТА РАБОТНИЦИ КОИ ЗАГИНАА ВРАЌАЈЌИ СЕ ОД РАБОТА ВО СКОПЈЕВо Велес се одложени сите културни и спортски манифестации закажани за 18 октомври. (Фото: СДК.М)

    Утре, 18 октомври, ќе биде ден на жалост поради смртта на тројцата велешани кои вчера попладне враќајќи се од работа во Скопје загинаа во сообраќајната несреќа кај тунелот во Катланово. Во превртеното комбе на лице место починаа лица на 37, 47 и 66-годишна возраст. Петмина се повредени, две се во животозагрозувачка состојба, тројца се со тешки телесни повреди.

    Знамињата во Општина Велес утре ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации закажани за 18 октомври, се одложуваат. Угостителските објекти кои се на територијата на Општина Велес ќе емитуваат соодветна музика.

    „Во моментов четворица пациенти се хоспитализрани на единицата за интензивно лекување. Двајца од пациенти се во стабилна здравствена состојба, едниот се чека да биде преместен во текот на утрешниот ден на Одделот за трауматологија. Двајца пациенти се суште во критична состојба“, ни рече директорката на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ) д-р Марија Срцева.

    Еден 42-годишен повреден е хоспитализран во скопската Градска болница „Св. Наум Охридски“, и е вон животна опасност.

    „Синоќа беше примен 42-годишен маж со изместена чашка на десниот колк. Беше однесен на интензивна нега, чашката беше вратена и сега се наоѓа на одделение со стабилна состојба. Ќе биде потребна операција на колкот во наредните денови“, вели директорот на „Св. Наум Охридски“ д-р Небојша Настов.

    Работниците се превезувале секојдневно на релација Велес-Скопје и обратно, со две возила во сопственост на фирмата која била правно лице од Лисиче. Возилата ги возеле некои од вработените, кои работеле како заварувачи и бравари.

    Според проценките, секојдневно помеѓу 5-6.000 велешани патуваат на работа до Скопје, Штип или Кавадарци. Се патува организирано со автомобили, автобуси или со воз.

    „Наутро помеѓу 6,30 до 7,30 часот имаме редовно колони возила во правец на Скопје. Тоа најдобро се забележува на наплатните рампи на автопатор“, вели велешанец кој работи во институција во Скопје.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопштение дека се преземаат интензивни дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес.

    „Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на лице место и за обдукција на починатите. Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот“, соопшти Обвинителството

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира