Без никакви докази, утрово инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство по наредба на директорот Оливер Миланов со оружје убиваа птици во градината, реагираат од скопската Зоолошка градина. Во соопштението до медиумите, во кое се испратени и видеа од убивањето на птиците, се вели дека оваа акција е измислен проблем на премиерот Христијан Мицкоски, со цел да ја затвори Зоолошката.
„Повторно се потврдува секташката политика на владата на Христијан Мицкоски. Изутринава, без налог, решение или каков било друг доказ, инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр на птиците. Без образложение и без доказ до овој момент, овие лица по наредба на директорот на АХВ убија десетици птици кои слободно се шетаа во Зоолошката градина. Станува збор за украсни видови шатки и гуски кои живеат во Градски парк, а имаат природен пристап во Зоолошката градина. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје, со цел наштетување на угледот“, се вели во соопштението на Зоолошката градина.
Оттаму велат дека за ова дело ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, Оливер Миланов, инспекторите и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје.
Според изјави на вработените во градината, инспекторите влегле поради сомнеж за птичји грип.
Миланов утрово не кажа зошто се влезени во Зоолошката. Ни рече дека градината е затворена од технички причини и дека подоцна ќе имаат соопштение.
А. АНТЕВСКА