Група граѓани веќе трет ден одат на средби со скопските градоначалници за лично да ги прашаат што може општината да стори и што ќе стори против загадувањето на воздухот во Скопје. Средбите, најавени само на Фејсбук, почнаа завчера со градоначалникот Коце Трајановски, продолжија вчера со градоначалникот на Центар Андреј Жерновски и денес со неговиот колега од Аеродром Ивица Конески, а утре во 9 часот се кај Стевчо Јакимовски во Карпош.
Граѓаните кои самоницијативно ги покренаа средбиве, велат дека и Трајановски и Жерновски и Конески се согласуваат активно да соработуваат меѓу себе и со граѓанскиот сектор за да се реши проблемот со загадувањето на воздухот.
„Сабајлево бевме кај Ивица Конески, градоначалникот на една од најзагадените општини. Тргнавме од тоа дека знаеме што се надлежностите на градоначалниците (‘до тука можеме’, ‘тоа е ингеренција на Министерство за животна’.). Но, факт е дека и таа ситуација може да ја сменат. Викаат, немаме ингеренции да вршиме контрола на што се греат домаќинствата и други објекти (студијата на Финците вика дека скоро 1/3 од загадувањето е тоа). Додека се најде подолгорочно решение (гасификација или друг начин на централизирано греење), Конески рече дека може да иницира законски измени за да добијат вакви овластувања.
Никој не знае што работат општинските инспектори. Некни и Коце ни рече дека работат во три смени. Супер. Ама никој не знае што сработиле. Или дали некој утврдил што испуштаат ноќе фабриките. Вакви информации и да има, веројатно ќе најдеш на веб во некој извештај од 2014. Ивица вети дека ќе биде транспарентен: на дневна основа да има извештаи што направиле, кај биле, дали пријавиле, дали процесуирале до МЗЖС, за да може да се следи понатаму и работата на ‘големиве’ инспектори. И тој изрази подготвеност да седне на иста маса со другите градоначалници, со надлежните министри, инспектори и кој уште не што зема плата за ова, заедно со граѓански сектор, експерти за екологија и слично да направат нешто повеќе од ова што го прават. Не измислуваме топла вода. Некои од мерките што треба да се направат веќе се ставени во студијата за загадувањето“, велат дел од граѓаните на своите фејсбук профили, по средбата со Конески.
Граѓаните кои ја покренаа оваа иницијатива повикуваат на наредните средби да дојде секој кој има прашање или решение за да се оствари соработката за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје. Сепак, Конески денеска не допушти на средбата да присуствуваат и медиумите.
Е. БОЧВАРОСКА