БЕСПРЕДМЕТНО Е ДА СЕ ИСПРАЌА ПИСМО ДО ЕУ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ЗА СÈ Е РАЗГОВАРАНО СО ЛИДЕРИТЕ И СО ФОН ДЕР ЛАЈЕН, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    БЕСПРЕДМЕТНО Е ДА СЕ ИСПРАЌА ПИСМО ДО ЕУ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ЗА СÈ Е РАЗГОВАРАНО СО ЛИДЕРИТЕ И СО ФОН ДЕР ЛАЈЕН, РЕЧЕ МИЦКОСКИЗа да почне процесот на уставните измени потребно е она што ние го предлагаме да биде прифатено, рече Мицкоски .(Фото: Влада на РСМ)

    Сега е беспредметно да се испраќа писмо до Европската унија (ЕУ) затоа што се она што требало да биде содржано во писмото веќе е разговарано со лидерите од ЕУ и со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен која во четвртокот беше во Македонија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Преговорите со ЕУ не се почнати поради неисполнување на условот во преговарачката рамка за внесување на Бугарите во Уставот.

    Тој додаде дека позицијата на земјата е јасна и оти за да почне процесот на уставни измени потребно е бугарскиот Парламент да го ратификува Пристапниот договор на Македонија за влез во Европската унија.

    „За да почне процесот на уставните измени потребно е она што ние го предлагаме да биде прифатено, а тоа е кога бугарскиот Парламент ќе го рафитикува Пристапниот договор на нашата земја во рамките на Европската унија, да важат тие уставни измени. Мислам дека е тоа фер решение за сите имајќи ја предвид состојбата во којашто не втурна Владата во која клучниот збор го имаше Бујар Османи и позади себе ги водеше Маричиќ и Ковачевски. Сега дознавам што се правело во тој период и навистина шокирачки се тие информации, затоа жестоко се бориме. Друг тип на уставни измени додека сум јас премиер нема да има, ултиматуми и диктати нема да прифаќам“, рече Мицкоски на новинарско прашање на отворањето на Канцеларијата за услуги за граѓаните во скопската Оопштина Аеродром.

    На почетокот на октомври, премиерот Мицкоски најави дека „преку институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси“. Министерот за евроинтеграции и главен преговарач за ЕУ Орхан Муртезани рече дека во Владата се подготвува писмо, но уште е во фаза на интерни разговори оти „и да имаме предлог нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во Бугарија“. На 16 октомври, премиерот Мицкоски изјави дека има дилема дали да го пишува писмото до ЕУ со предлози како да продолжат пристапните преговори, по средбите кои што ги имал на самитот на Берлинскиот процес во Берлин изминатите два дена. Тој рече дека таму лично ги запознал сите со содржината на писмото, но, како што кажа, не сака да открива детали во интерес на очекувањата кои што ги има во иднина како ќе се развиваат работите. Ден пред заминувањето во Берлин, Мицкоски рече дека писмото е во подготовка и дека таму ќе разговара со европските политичари пред да го испрати, бидејќи сака да има јасна слика „за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“.

    Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вчера рече дека во Брисел има слух за ставот на Владата за уставни измени со одложено дејство. Муртезани кажа дека тоа што Фон дел Лајен завчера на разговорите во Скопје не го одбила предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство „остава простор за понатамошни преговори и изнаоѓање решение“.

    За утрешните избори во Бугарија, денеска Мицксоки рече дека не би можел да идзвои кој би бил подобар соговорник, но оти логично е дека сака да победи партијата на Бојко Борисов со која се дел од Европската народна партија (ЕПП).

    „Не би можел да издвојам кој би бил подобар соговорник, но можам да кажам дека со партијата ГЕРБ која што ја води Борко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам политичка партија која доаѓа од нашето семејство да победи на изборите, рече Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира