ВИСАТ ПАРЧИЊА ОД БАРОКНИТЕ ФАСАДИ НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, СЕКОЈ МОМЕНТ МОЖЕ ДА ПАДНАТ ВРЗ МИНУВАЧИТЕ

    ВИСАТ ПАРЧИЊА ОД БАРОКНИТЕ ФАСАДИ НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, СЕКОЈ МОМЕНТ МОЖЕ ДА ПАДНАТ ВРЗ МИНУВАЧИТЕИако се опасност, никој од надлежните не презема ништо. (Фото: СДК.МК)

    На пешачката улица Македонија во најстрогиот центар на Скопје висат парчиња од квазибарокните фасади на зградите преоблечени во рамките на проектот „Скопје 2014“. Парчињата можат секој момент да паднат врз граѓаните кои секојдневно минуваат низ улицата или седат во кафулињата. Иако тие претставуваат опасност, никој од надлежните не презема ништо.

    Од Општина Центар под чија надлежност е улица Македонија ни рекоа дека надлежен за објектите е Град Скопје.

    „Со одлука донесена на 6. седница, а одржана на 11.07.2013 година и 22.07.2013 година, чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомен-обележјата на подрачејто на Општина Центар – Скопје се отстапува на Град Скопје“, велат од Општина Центар.

    Од Град Скопје велат дека ни тие немаат надлежност на објектите туку сопствениците.

    „За реновираните фасади на згради на улица Македонија кое го вршел Град Скопје кога градоначалник бил Коце Трајановски, а во рамките на проектот ‘Скопје 2014‘ за кој Владата во тоа време наменила средства, а кои се на објекти во туѓа сопственост, Град Скопје нема обврска ниту договор за одржување. За истото неопходно е да се обратите кај сопствениците на објектите“, велат од Град Скопје.

    Фасадите во центарот на Скопје, кои претходно беа во духот на модерната архитектура, се реновираа во неокласичен  стил во рамките на проектот „Скопје 2014“ за кој владата на Никола Груевски потроши 700 милиони евра. Реновирањето на десетина згради го вршеше Град Скопје кога градоначалник беше Коце Трајановски, при што се потрошени речиси 14 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира