ТЕТОВСКАТА КОМУНАЛНА ФИРМА СО ВИДЕОКАМЕРИ ЌЕ КОНТРОЛИРА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ВОДОВОДНИОТ СИСТЕМ

    ТЕТОВСКАТА КОМУНАЛНА ФИРМА СО ВИДЕОКАМЕРИ ЌЕ КОНТРОЛИРА ЗЛОУПОТРЕБИ НА ВОДОВОДНИОТ СИСТЕМТетово е познат по тоа што во градот и околината има многу диви приклучоци на водоводниот систем. (Фото: СДК.МК)

    Жители на Тетово без дозвола пуштале или го прекинувале дотокот на водата затворајќи ги вентилите, а за во иднина да се спречи ваквата злоупотреба на водоводниот систем, од Јавното претпријатие (ЈП)  за водовод и канализација „Шар“ ќе постават камери за да се врши надзор на неколку клучни места.

    „Многу неодговорни граѓани во минатото ја прекинувале или ја пуштале водата, предизвикувајќи им проблеми на сите жители на градот. Отсега па натаму, овие места ќе бидат под 24-часовен надзор со безбедносни камери. Претпријатието ‘Шар’ ќе преземе строги мерки за идентификување и казнување на секој кој неовластено ќе интервенира или ќе го оштети водоводниот систем. Секое вакво прекршување ќе биде објавено и санкционирано според важечките закони, во заштита на интересите на сите граѓани“, велат од ЈП „Шар“ од Тетово.

    Тетово е познат и по тоа што во градот и околината има многу диви приклучоци на водоводниот систем. Од ЈП велат дека изминативе месеци при контрола на неколку правни субјекти биле утврдени нелегални приклучоци во водоводниот систем. Против овие прекршители веќе се покренати соодветни постапки пред институциите, велат од „Шар“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира