Нечуени навреди и нервоза место почит и отчет кон Собранието, демонстрираше денеска премиерот Христијан Мицкоски по поставените прашања од опозицијата, на првата седница за пратенички прашања, по стоте дена од Владата. Кулминацијата беше по паузата за ручек, откако лидерот на Левица Димитар Апасиев му постави прашања на Мицкоски, нарекувајќи го во секоја прилика „почитуван северномакедонски премиер“, „исфрустриран професор кого татко му го избуткал да успее“, па овој него го нарече „кукавица што летува на Халкидики“, по што Апасиев го праша Мицкоски дали е пијан, но и за часовникот од 60 илјади евра, за хациендата во Црна Гора додека граѓани живеат со долар на ден…
„Почитуван северномакедонски премиер Христијан Мицкоски, еве и нам од магарешка клупа ни дојде ред да поставиме пратенички прашања: 1. Зошто вршите демакедонизација и погубна политика со бришење на Македонија и на придавките ‘македонска’, ‘македонски’? Зборувавте дека надвор ќе употребувате Северна, а дома Македонија, а всушност набрзина со 19 законски измени и таму кај што Преспанскиот договор не бара, вие го избришавте зборот ‘македонска’ од институциите, па станаа национални (шуми, пошта, филхармонија и други)? Зошто ја избришавте Република Македонија од места каде требаше да се избрише по отворањето на поглавјата за преговори? Отворивме некое поглавје? 2. За албанската академија на науки: Дали планирате да им ги одземете ингеренциите на четирите општини кои незаконски сакаат да формираат палралелна и квази академија на науки? 3. Дали како Влада ќе ја признаете Палестина?“, почна прв Апасиев.
„Северномакедонскиот пратеник Апасиев кој плата добива од тоа Министерство (н. з. за финансии), а бога ми и кредити за да купи нови партиски простории за Левица, на пауза додека се сонча на убавите плажи на Егејското Море и е сосед на Венко Филипче во Неа Каликратиа, Неа Флогита и слично, составува интересни досетки. Е сега, биди културен, сослушај, немој вака. Сеа, јас те слушав секој збор. Не се плаши никој овде. Така моеш таму у партија, тука не“, му одговори премиерот Мицкоски.
Тој цел ден дрско и навредливо им се обраќаше на пратениците од опозицијата пред кои е должен да даде отчет, а претседателот на Собранието Африм Гаши, кому Мицкоски му го даде највисокото место во државата со партија од двајца пратеници, не го спречуваше во тоа.
Мицкоски засили со заканите и навредите по паузата за ручекот.
„Овој амандман со Северна Македонија е од тебе потпишан Димче, не од мене. А овој аманман, од тој пред тебе е. Мојата татковина е Македонија. Јас служев воен рок додека ти дезертираше и ги мереше штабовите во партиите: прво во ВМРО-ДПМНЕ, па во Социјалистичка, па лево, па десно и на крај те прибраа во ‘Ленка’ за да мислиш дека ‘Левица’ е твојата иднина, но се лажеш. На крај најверојатно во СДСМ ќе те прибере Венко. Му треба засилување како тебе левичарско“, зборуваше Мицкоски од говорницата, а на шегите не му се смееја ни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа го нарече Апасиев кукавица и маченце.
„Кога мјаукаше кај мене во кабинет во партија и кога учеше политика, забораваш да кажеш тука на пратениците. Димче, јас ова што го зборам, ти треба да го запишуваш таму и да си го повторуваш. Треба да научиш нешто од ова јас што зборам. Има што да учиш, зашто ова денеска што го кажа е лага. Ти ќе уживаш на плажите на Егејското Море, ќе се капеш и ќе кажуваш колку си Македонец. Ти си обична кукавица“, рече Мицкоски и несакајќи двапати го удираше еден од двата микрофона на говорницата.
„Јас Халкидики-патриоти знам многу. Но тука знам за луѓе кои се борат за интересот на сите граѓани и за Македонија“, беше одговорот на Мицкоски кој само го поттикна Апасиев да зборува за работи кои пратениците ги шепотеа денеска во Собранието.
„Почитуван северномакедонски премиер Мицкоски, вашата фрустрација е тоа што сте татино синче и асистентче кое го буткале цел живот. Се надевав дека ќе го задржите нивото. Кога веќе сакавте така кукавички да си ја извадите вашата фрустрација, се надевам не сте поднапиен во овој момент, дополнително сакам да ве прашам: Како со обична професорска плата стекнавте саат од 60 илјади евра колку што кошта станот во кој живеам? И, дали е вистина дека вашата сестра ја спремате да ја вработите како доцентка на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип на Фармацевтскиот факултет? И да, одам на одмор во Халкидики, зашто сум средна класа. Не оди Апасиев од хидроцентрали како тебе. И затоа, кога сакате ад хоминем да напаѓате, ќе си трпите и ад хоминем напади“, рече Апасиев, незадоволен од тоа дека како и на претходните пратеници, ни нему не му даде конкретен одговор денеска.
Тој ја нарече ВМРО-ДПМНЕ квазипатриотска бугарска партија, која го брише името „македонска, македонски“ без почнати преговори со ЕУ.
„Овие финти може ти палат во Прцорек кај што држиш лекции, овде не. Е сега, за хидроцентралите. Точно е, сум работел, сум заработил. Сум оставил данок во Буџетот повеќе од пола милион евра за тоа што сум го заработил. И тоа е јавен податок во УЈП. Сум работел од метлар, па сè до професор. Што се однесува до мојата сестра, таа повеќе од 20 години води една домашна компанија каде работи како доктор по фармацевтски науки и има огромна пракса. Ад хоминем треба на мене, не на мојата сестра, на моето семејство. Такви како вас сум истрпел илјадници. Ама кога удирате на моето семејство, јас морам да го бранам. Кукавица како вас напаѓа семејство. Исто како што пратеничката Славјанка Петровска го напаѓаше мојот син“, возврати Мицкоски.
„Почитуван северномакедонски премиер може сте професор за струја, а за ораторство и харизма малце послабо. Бидејќи сум и професор по реторика, сега ќе ви кажам каде направивте грешка. Вие велите Левица зема плата од Северна, што значи според вас, Левица е за Северна. Не, Левица зема плата од тие што го бојкотираа референдумот додека вие се шетавте во Ташмаруништа и додека ставот како што би рекол заменикот за дипломатија Зоран Димитриевски-Жоро, ви беше ни риба ни девојка, каков што ви е цело време во политиката. Натаму, вие носите часовник од 60 илјади евра, додека граѓаните живеат со еден долар дневно. Вие имате хациенда во Црна Гора и затоа таму летувате додека радничка класа летува по Халкидики, а вашите нешто друго прават на Халкидики, нели слушнавме во бомбите. И на крајот почитуван северномакедонски премиер, тоа е рес привата, приватна работа. Кога вие ја злоупотребувате функцијата за непотистички да си вработите ваши роднини, и те како е рес публик тоа прашање! И тоа како секој парламентарец има право да ве проблематизира! Не можете тогаш:’Не ми чепкајте по фамилија’!. Не си ја вработувајте на државно и нема да ви чепкаме. Не си ги носете на службени патувања вашите роднини, нема да ги чепкаме“, му кажа Апасиев на Мицкоски.
Мицкоски вети дека нема да се крие кога патува на монденски места, летува во хациенда, купува скап накит или да живее на грбот на партијата како што правел Апасиев. Патем, го праша:
„Што правевте на Халкидики? Да не им светевте? Да не им држевте сенка?“.
Апасиев заврши: „Кое ниво да сме го задржеле? Едно ниво што покажавте северномакедонски премиере! Ние името ВМРО ќе ви го забраниме кога ќе дојдеме на власт, зашто го осквернавивте. Ве слушам за прашањето за Палестина и гледам колку сте дудук за геополитика“.
С. К. ДЕЛЕВСКА