73 ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО СЕ ПРИЈАВЕНИ ВО ВЕЛЕС ЛАНИ, СПОРЕД ИСТРАЖУВАЊЕ СÈ УШТЕ ИМА МИСЛЕЊЕ ДЕКА НЕ ПОСТОИ СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО ИЗВРШЕНО ОД БРАЧЕН ПАРТНЕР

    73 ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО СЕ ПРИЈАВЕНИ ВО ВЕЛЕС ЛАНИ, СПОРЕД ИСТРАЖУВАЊЕ СÈ УШТЕ ИМА МИСЛЕЊЕ ДЕКА НЕ ПОСТОИ СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО ИЗВРШЕНО ОД  БРАЧЕН ПАРТНЕРВо  Центарот за социјални работи Велес, лани имало пријавено 73 жртви на семејно насилство, од нив 52 жени и 21 маж. Во 11 случаи децата биле жртви. Овие бројки се поголеми од тие во 2022 кога имало пријавено 60 жртви (Фото: СДК.МК)

    Жените распознаваат повеќе видови на семејно насилство, додека машките само психичко и физичко. Испитаниците без разлика на пол, не умеат да направат разлика помеѓу семејно насилство и родово базирано насилство. Ова се дел од одговорите на 200 испитаници од анкета спроведена во Велес, од страна на Организацијата на жени. Прашањата биле дали граѓаните знаат што е семејно насилство. Испитаните биле вработени во приватни компании, но и во јавни и државни институции.

    „Испитаниците знаеја каде да се обратат во случај на евентуален проблем. Во полиција, во Центарот за социјална работа, но не ги знаат одговорностите на овие институции и не ги знаат правата на жртвите од семејно насилство. Мал е бројот на испитаници кои знаат дека имаме советувалиштен центар и уште помалку  дека услугите се бесплатни. Сѐ уште постои мислење дека не постои сексуално насилство извршено од страна на брачен партнер, туку само од непознат сторител. Мислење на испитаниците е дека општината има потреба од постоење на советувалиштен центар, каде жртвата би била ислушана и заштитена“, кажа психологот Ангелина Димовска Стојанова, членка на Организацијата на жени, која ја извршила анкетата.

    Анкетниот прашалник бил пополнет од 183 жени и 17 мажи.

    „Советувалиштето работи во рамките на организацијата на жени, постои во Велес три години.  Покажа добри резултати. Бесплатна психо-социјална помош за жртвите на семејно насилство од Велес и соседните општини Чашка, Градско и Лозово. Очекуваме за да продолжиме со работа локалните заедници финансиски да не помогнат,  во интерес на жртвите кои се пријавуваат сѐ повеќе“,  рече Мирјана Трајкова претседател на Организација на жени Велес.

    Во  Центарот за социјални работи Велес, лани имало пријавено 73 жртви на семејно насилство, од нив 52 жени и 21 маж. Во 11 случаи децата биле жртви. Овие бројки се поголеми од тие во 2022 кога имало пријавено 60 жртви.

    Бројот на пријавени случаи во СВР Велес се разликува, има помал број пријави споредено со Центарот за социјални работи. Во полицијата во 2023 година имало пријавено 66 случаи семејно насилство, од нив 39 биле жени, 13 мажи и осум деца. Лани имало повеќе пријави отколку во 2022 кога полицијата регистрирала 34. Од вкупниот број на пријави во 2023, Основното Јавно Обвинителство Велес  поднело 31 обвинение за кои има 24 одлуки од страна на судија од Основен суд Велес. Повеќето од нив се со условна затворска казна, за три случаи е изречено психијатриско лекување а во еден случај парична казна.  За 31 пријавен случај за  семејно насилство, обвинителството ја отфрлило пријавата, бидејќи најчесто  жртвата се повлекла.

     П.ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира