Каналот со отпадни и атмосферски води, кој минува низ индустрискиот дел на Велес и истекува во реката Вардар, создава проблеми за станарите во околината и за вработените од Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Дервен“, чија управна зграда е токму до него. Од каналот се шири смрдеа за што реагираат жителите кои гравитират кон овој дел на населбата.
„Проблемот е децениски, имаме реагирано до локалната власт, до повеќе градоначалници, но никако да се покрие каналот, да нема непријатна миризба кога се јавува, а тоа е често“, велат станарите.
И покрај напорите и желбата на локалната власт да се покрие каналот со отпадна вода, тоа не е можно, посочи градоначалникот Марко Колев. Овој канал ги опфаќа отпадните и атмосферски води од иднустрискиот дел околу Железничката станица.
„Било предвидено да се покрие, за што биле побарани средства од претходниот градоначалник од ТАВ програмата. Државата го отфрлила барањето, кажала дека некои канали не може да се затворат, оти може во одреден период да надојдат води и да направат штета, да пукнат. Затоа остануваат отворени, од безбедносни причини. Таков е случајот и со каналот кај кафеаната ‘Марија’ кај ОУ ‘Васил Главинов’. И тој не може да се покрие, овој кај ЈП Дервен“, кажа градоначалникот Колев.
П. ПЕЧКОВ