АКТЕРОТ МОРА ДА ОТКРИЕ РАНЛИВОСТ И СПОНТАНОСТ, РЕЧЕ МАТ ДИЛОН ВО СОЛУН

    АКТЕРОТ МОРА ДА ОТКРИЕ РАНЛИВОСТ И СПОНТАНОСТ, РЕЧЕ МАТ ДИЛОН ВО СОЛУНМат Дилон на Солунскиот фестивал доби Златен Александар за животно дело. (Фото: СДК.МК)

    (Од Солун за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Костова)

    Американската филмска ѕвезда Мат Дилон на Солунскиот фестивал доби Златен Александар за животно дело, а фестивалски е застапен во три улоги – како актер, режисер и учесник во експериментално уметничко дело. Дилон (60) кариерата ја почнал како многу млад и во богатата филмографија има номинации за Оскар, за Златен глобус и Греми. Годинава, во „Да се биде Марија“ на Џесика Палуд го играше Марлон Брандо во приказната за актерката Марија Шнајдер и снимањето на „Последното танго во Париз“ на Бернардо Бертолучи.

    На прес-конференцијата во Солун рече дека не можел ни да ѝ одолее ни да ја одбие оваа улога.

    „Марлон Брандо е неверојатно влијателен и многупати го промени курсот на филмската уметност во својата кариера. Ми се допадна сценариото: портретот беше фер и искрен. Подоцна зажалив што ја прифатив улогата, оти беше навистина многу тешка задача, со оглед на тоа што Марлон Брандо беше еден од најинтересните луѓе на 20-от век. Но во исто време, јас уживав во овој предизвик. Сакам да ризикувам во мојата кариера, а ова беше еден од најголемите ризици што сум ги презел. Секогаш ќе го гледам Брандо со чувство на благодарност затоа што навистина имаше огромно влијание врз мене. Актерите никогаш не сакаат да се споредуваат со него. Тој секогаш успеваше да изгледа ранлив и спонтан, елементи кои актери од неговиот калибар ги воведоа во филмот. Брандо ја промени сликата за американскиот маж – тоа не беше веќе Џон Вејн. Таа чувствителност е вродена во човечкото искуство и мене ми е страшно важна. Ранливост и спонтаност се најважни работи кои актерот треба да ги открие“, рече Дилон и додаде дека во филм му е најважна емоцијата.

    „Да се биде Марија“ е за трауматичниот и несреќен живот на актерата Марија Шнајдер, која отворено заборуваше за траумата што како млада актерка ја доживеала во славната сцена со путерот и Брандо – сцена на речиси силување – затоа што Бертолучи во договор со Брандо ѝ кажал дека така ќе ја играат непосредно пред да се сними сцената.

    „Имаше силен личен елемент во оваа конкретна улога. ‘Последното танго во Париз’ е ремек-дело на кинематографијата. Имаше уште нешто што ме освои за оваа улога: Марија Шнајдер, која почна да се занимава со филм многу млада, нешто со што можам да се поврзам затоа што првите чекори во актерството ги направив на многу млада возраст. Секогаш имав многу разбирање за позицијата на која била таа. Се разбира, нејзината ситуација беше многу поинаква од мојата, но на некој начин знам како е да бидеш нов човек на снимање, неискусен, неспособен да поставиш строги граници и да имаш привилегија на спонтаност“, рече Дилон, а за озлогласената сцена од „Последното танго во Париз“ додаде: „Без да го оцрнувам Бернардо Бертолучи, овој навистина голем режисер, мислам дека направи грешка во таа контроверзна сцена со Марија Шнајдер. Во никој случај не верувам дека неговата намера била да создаде нешто садистичко. Но, би било грешка да се поедностават податоците. Имаме многу докази кои го комплицираат случајот. Животот на Марија Шнајдер веќе бил ужасно нестабилен поради нејзиното семејно опкружување. Нејзиното искуство на снимање тој ден беше најлошото можно сценарио за да се најде во таква ситуација. Но, сепак мислам дека ‘Последното танго во Париз’ е ремек-дело. Оваа сцена е единственото нешто во филмот што воопшто не ми се допаѓа. Тоа беше грешка што создаде огромна траума. Траумата на Шнајдер можеби веќе беше во тек, но секако беше влошена од оваа ситуација. Оваа точка е клучна во нејзината приказна, но во никој случај не е целата нејзина приказна“.

    Тој рече дека снимил многу љубовни сцени и дека тоа никогаш не е лесно.

    „Сега, на снимањето има нова професионална категорија, координаторот за интимност, кој ја презема одговорноста за правилната психолошка подготовка на актерите во љубовните сцени. На овој филм првпат работев со таков професионалец. На некои луѓе можеби не им се допаѓа идејата за некаков вид ‘полиција’ за тоа како да се однесуваат. Сепак, координаторот за интимност на сите им обезбедува безбедна рамка, која дава повеќе можности“, рече Дилон.

    Тој рече дека имал среќа како млад актер да игра со Џин Хекман, и од него научил за одговорноста која актерот ја има кон ликот што го игра.

    На фестивалот, Дилон и данскиот мултимедијален уметник Јаспер Јуст го претставија и експерименталниот видеопроект „Интерфиарс“: компјутерска томографија на мозокот на актер додека игра улога. Актерот е Дилон, а говори текст од Јуст.

    „Сакав со томографија да утврдам дали има разлика меѓу научената емоција и емоцијата што се содава во моментот додека се глуми. Ова беше уметнички, а не научен експеримент, зашто да беше научен ќе требаше да учествуваат 200 актери, и презадоволен сум од придонесот на Мат“, рече Јуст.

    Дилон и данскиот мултимедијален уметник Јаспер Јуст го претставија и експерименталниот видеопроект „Интерфиарс“: компјутерска томографија на мозокот на актер додека игра улога. (Фото: СДК.МК)

    „Јас сум ужасно клаустрофобичен и се обидував да го натерам Јаспер да работи со некој друг – на пример, мојата пријателка Шарлот Генсбург. Но, тој беше категоричен: тоа мораше да бидам јас. На крајот на краиштата, тоа беше и експеримент и вистинско уметничко дело. Надзорниот доктор всушност успеа да ми го провери мозокот, велејќи ми дека имам фантастично здрав мозок. Го прашав дали имам паметен мозок, а тој само ми повтори дека тоа е многу здрав мозок“, се шегуваше Дилон.

    За неговото режисерско деби „Град на духови“ рече дека отсекогаш сакал да режира, а кога веќе не добивал интересни улоги решил да го сними филмот за кој идејата ја имал со години. Тој откри и дека доаѓа од уметничко семејство, татко му бил портретист, а чичковците стрип-цртачи, па природно му било и самиот да почне да слика.

    „Сите овие се креативни процеси, кои исто така споделуваат многу заеднички елементи. Некои луѓе се добри само во една работа. Други, пак, прават многу различни работи. Јас припаѓам на вторите и затоа се чувствувам многу слободно да откривам нови искуства. Да се ​​биде вклучен во многу различни полиња те одржува млад“, рече Дилон.

    Тој кажа и дека на претседаелските избори во САД кои се одржуваат денеска гласал однапред и гласал за Камала Харис.

    „Секако дека гласав! Без да навлегувам во долга дискусија за мојата политика и мислења, само ќе ви кажам дека гласав за Камала Харис. Тоа е мој избор и мирен сум со него, мислам дека таа е најдобриот кандидат“, рече Дилон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира