ЗНМ ПОДНЕСЕ ПРИЈАВА ЗА НЕДОЛИЧНО ОДНЕСУВАЊЕ НА СУДИЈКАТА ОД БИТОЛСКИОТ СУД, КОЈА ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ТЕЛЕФОНИТЕ И КАМЕРИТЕ НА НОВИНАРИТЕ

    ЗНМ ПОДНЕСЕ ПРИЈАВА ЗА НЕДОЛИЧНО ОДНЕСУВАЊЕ НА СУДИЈКАТА ОД БИТОЛСКИОТ СУД, КОЈА ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ТЕЛЕФОНИТЕ И КАМЕРИТЕ НА НОВИНАРИТЕВлезот на Основниот суд Битола пред денешното судење на претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“. (Фото: СДК.МК)

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска поднесе пријава до Основниот кривичен суд Скопје како и до Здружението на судии со цел да се преземат соодветни мерки за одговорност за денешниот непримерен и непрофесионален однос од страна на судијката Цветанка Никодиновска од Основниот суд во Битола кон новинари и медиумски работници.

    Денеска судијката Никодиновска, не им дозволи на новинарите од САКАМДАКАЖАМ.МК и ТВ Телма да снимаат и фотографираат на судењето против претседателот нa бугарскиот клуб во Основниот суд во Битола кои иако за тоа имаа добиено одобрение од Врховниот суд.

    Пред судницата, вработено лице од новинарите побара телефоните да им ги предадат на припадник на судската полиција, а камерманот да ја остави камерата на портирница. На новинарите им беше дозволено всушност како граѓани да присуствуваат на рочиштето, иако во записникот беа заведени како новинари.

    Откако судијката Цветанка Никодиновска констатира дека судењето ќе биде одложено и кажа дека следното рочиште се закажува за 28 јануари 2025 година, новинарите како и секогаш, станаа да си одат и да се подготват да земат изјави пред судот, оти внатре не им беше дозволено снимање. Судијката Никодиновска на висок тон им се обрати:

    „Враќајте се назад, судењето не е завршено! Другиот пат нема ни да ве пуштам да присуствувате!“.

    „Иако новинарите имале дозвола од Врховниот суд на Македонија за медиумско покривање на случајот, оваа судијка го попречи нивното право на известување, со што се прекршија принципите на транспарентност и правото на јавноста да биде информирана”, пишува во соопштението на ЗНМ.

    Здружението на новинари потсетува дека слободата на медиумите и правото на информирање се од фундаментално значење за демократијата, и дека ваквите постапки се неприфатливи и штетни за правната и медиумската слобода во државата.

    „Ги повикуваме судските органи да преземат соодветни мерки за да не се повторуваат вакви инциденти и да го обезбедат почитувањето на професионалните права на новинарите и медиумските работници во заштитата на јавниот интерес”, соопштија од ЗНМ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира