Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беше единствениот од лидерите на политичките партии кој не даде изјава за новинарите по разговорот со еврокомесарот Јоханес Хан вечерва во Собранието. Исто така, единствено поранешниот премиер не дозволи фотографирање и снимање пред средбата со Хан.
По разговорот на Груевски со Хан, последен од денешните средби на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика со лидерите, сопартиецот Илија Димовски им соопшти на новинарите дека вечерва или во текот на утрешниот ден ќе биде објавено соопштение за разговорот, што стана пракса на партијата за средбите со странските претставници периодов.
Груевски не даде изјава ниту по средбата со Ѓорге Иванов на 1 февруари, кога претседателот имаше консултации со лидерите на парламентарните политички партии околу тоа на кого да го додели мандатот за формирање влада.
Денеска пред Груевски, Хан се сретна со лидерите на БЕСА, Алијанса за Албанците, ДПА, ДУИ и СДСМ.