Kомисијата за спречување и заштита при дискриминација утврди случај на политичка дискриминација во областа на работата, работните односи и образованието врз поранешниот директор на средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, Владимир Роме, сегашен професор во школото, од страна на инспектор од Државниот просветен инспекторат. Ова е втор случај во кој Комисијата утврдува политичка дискриминација врз професор од ова училиште од истиот просветен инспектор. Во септември годинава, Комисијата утврдила дека по истиот основ била дискриминирана и професорката по математика Наташа Петровска, поранешна градоначалничка на Битола.
Истиот просветен инспектор, при исти околности и целосно реализирани часови за учебната 2022/23 година, ги казнил прекршочно само професорите Роме и Петровска. Прекршочниот платен налог им бил изречен во септември 2023, односно по истекот на првата учебна година откако настанала промена на директорсиот кадар во школото. Петровска беше градоначалничка на Општина Битола од редовите на СДСМ до октомври 2021, а во нејзиниот мандат го имаше назначено Роме за директор. Потоа локалната власт премина во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, а Петровска и Роме се вратија на професорските места.
Во претставката поднесена од Роме, по која одлучуваше Комисијата, пишува дека инспекторот неосновано им поднел прекршочен платен налог со глоба од 200 евра поради нереализирана наставна програма од само еден единствен час во целата учебна година. Иако во училиштето имало и други наставници со поголем број неодржани часови, тие не биле казнети.
Роме во претставката пријавил дека инспекторот постапил спротивно на член 109 и 109- а од Законот за средно образование, во кој стои дека за нереализирана наставна програма, покрај наставниците, казна мора да се изрече и за училиштето и директорот, што не било сторено. Двајцата професори одбиле да ги примат и потпишат платените налози, па инспекторот ги тужел во Основниот суд, кој годинава ги ослободи од вина, а пресудата ја потврди и Апелација, посочувајќи дека комплетно ја реализирале наставата.
Инспекторот во одговорот до Комисијата напишал дека сите наводи се невистинити. Сепак, Комисијата утврдила дека е извршена директна дискримнација врз основа на политичка припадност. Го зела предвид фактот дека станува збор за поранешен директор поставен од поранешната градоначалничка, поради што се поврзува со конкретна политичка партија, а, пак, останатите настваници на кои се однесувал вонредниот надзор ја немаат таа лична карактеристика, со што се воспоставува каузална врска помеѓу наведената дискриминаторска основа – политичка припадност и изрекувањето на прекршокот од инспекторот. Комисијата на инспекторот му препорачува во иднина да се воздржи од преземање дејствија на дискриминација бидејќи во спротивно, ќе биде пријавен пред надлежниот суд.
Петровска и Роме повеќе од една година водеа битка да докажат дека се бесправно казнети и политички дискриминирани, притоа праќајќи претставки до повеќе државни институции.
„Подесовме претставки и жалби до Инспекцискиот совет (ИС), со барање за преиспитување на работата на инспекторот со приложени докази, на кои ИС одлучи позитивно и сите наши наводи беа прифатени како основани. Се работи за инспектор за кој ИС од мај 2022, по три претставки против него, утврдил незаконско и непрофесионално постапување и трипати му е предложено на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да поведе соодветна дисциплинска постапка. За помалку од шест месеци тој веќе бил казнет дисциплински по претставка на родител, но дисциплинската комисија на ДПИ го заштити својот колега од можноста да ја изгуби лиценцата за работа“, вели Роме.
Нашата редакција доби одговор од Инспекцискиот совет преку слободен пристап до информации дека имале поведено две иницијативи за дисциплински мерки против инспекторот. За едната бил казнет, а за другиот случај од Дисциплинската комисија при ДПИ добиле известување дека бил отфрлен предлогот за покренување дисциплинска постапка.
Од Државниот просветен инспекторат за случајот ни одговорија дека не делуваат политички и не коментираат судски одлуки и оти за предметниот инспектор веќе била водена постапка, но Дисциплинската комисија не констатирала прекршок.
Петровска и Роме велат дека тука не завршуваат со нивната битка. По добиеното и второ мислење од КСЗД за политичка дискриминација ќе ги известат сите меѓународни организации во земјава, меѓу кои и Делегацијата на ЕУ и ОБСЕ за политичкиот притисок со кој се соочиле на работните места.
Ж. ЗДРАВКОВСКА