ТАТКОТО НА ВАЊА E БИВШ ЗАВИСНИК, ПОТВРДИЈА НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ, А ВО 2023 ГОДИНА, КОГА СЕ СЛУЧИ УБИСТВОТО, НЕ РАБОТЕЛ

    ТАТКОТО НА ВАЊА E БИВШ ЗАВИСНИК, ПОТВРДИЈА НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ, А ВО 2023 ГОДИНА, КОГА СЕ СЛУЧИ УБИСТВОТО, НЕ РАБОТЕЛРодителите на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, сведочеа дека бил зависник од дрога, но велат дека се излечил пред 20-тина години. (Фото: К. Попов)

    Зоран Ѓорчевски, дедо на убиената Вања Ѓорчевска и татко на обвинетиот Александар Ѓорчевски, денеска во Основниот кривичен суд Скопје одлучи да сведочи како сведок предложен од обвинителството.

    Бидејќи е татко на обвинет, имаше опција и да не сведочи.

    Кажа дека е во постојан контакт до мајката на Александар, со која бил разведен 40 години. Кога ѝ се јавил на 27 ноември 2023 година, поранешната сопруга и баба на Вања, таа плачела. Му рекла, ја нема Вања.

    Му се јавил и на синот, истото и тој му го кажал. На прашање, одговори дека и Гоце Трајковски, со кои Ѓорчевски биле во старо кумство, учествувал во потрагата.

    Пред да се случи настанот, син му Александар не работел 2 месеца, кажа сведокот.

    „Имаше проблем со зависности, беше на лечење и потоа се ожени”, одговараше на прашања на обвинителката.

    Потоа на ред дојде Иванка Ѓорчевска, бабата на Вања и мајка на обвинетиот Александар Ѓорчевски. И таа се согласи да сведочи.

    Таа кажа дека Александар живеел со неа од разводот во 2018 година. Таа кажа дека кога се случи грабнувањето и убиството на Вања, тој не работел цела 2023 година. А и дека не работел кога се родиле децата, ги чувал. На прашање од што се издржувал, неговата мајка кажа дека помагала големата нивна фамилија.

    И таа кажа дека бил зависник од дрога. Но, дека се излечил. Тоа било пред 20-тина години.

    „На 27 ноември му се јави Зорица, му кажа дека Вања ја нема. Тој се облече и истрча од дома”, кажа сведокот.

    И таа го знае кумот Гоце Трајковски, кој дошол и донел снимки од бензинската пумпа во Велес и дополнително одговори дека иако Александар му бил кум, тие не контактирале до убиството на Панче Жежовски од Велес на 22 ноември, односно на Вања на 27 ноември лани.

    Овој клучен сведок денеска требаше прв да сведочи, но доби паничен напад и си замина.

    Оли Нешковиќ, сестрата на Александар, кажа дека се јавувале во МНР, во босанска детективска агенција, во амбасадата на САД, му пишале на Илон Маск за сателитски снимки и рече дека од Бајден да имала број, ќе му пишела.

    Обвинителката се интересираше дали и од кај знаеле што ѝ се случило на Вања.

    Сопственик на станот на улицата „Наум Наумовски-Борче“, кај што живеат Зорица, Вања и помалата сестра, откај што беше грабната Вања, по имотен лист бил на Александар. Тоа го потврди и сестрата.

    Според обвинението, првообвинетиот Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, но и таткото на Вања, Александар, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

    На 22.11.2023, Палевски заедно со Кешишев, Манев и Видевски, заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ‘Цитроен’ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри. На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата ‘Наум Наумовски Борче’ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано ‘Дупки’, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла ја лишиле Вања од живот.

    И сестрата на Александар, како и нејзините родители, кажа дека не го познава првообвинетиот Љупчо Палевски.

    За кумашинот Гоце, кажа дека мајка му Кираца ги споила после настанот за да помогне околу потрагата на Вања.

    „На снимките влегува Гоце во дневната соба и вели: ‘Еве го цитроенот што го бара полицијата’. Рече дека му е сомнителен. Сомнително се движи, тоа сите го констатиравме. Тој збореше за исчезнато лице објавено на Фејсбук. Поврза преку регистер”, го заврши сведочењето сестрата на обвинетиот Александар Ѓорчевски.

    Потоа сведочеше синот на Оли, Иво Нешковиќ. Момчето рече дека често му позајмувал пари на вујко му, но дека му ги враќал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира