Во Државниот инспекторат за локална самопуправа заврши иницијативата на Советот на Општина Битола поднесена до Владата да помогне за реализација на нивниот предлог за изградба на гондола на Пелистер. Советот на 28 август донесе заклучок со кој побара Влaдата на првата наредна седница да стави точка на дневен ред за проект за изградба на годнола на Пелистер, како крупен проект за развој на туризмот во националниот парк.
- ЗЛАТНА ГОНДОЛА КАКО НА ЗЛАТИБОР ЌЕ ГО СПАСУВА ТУРИЗМОТ НА ПЕЛИСТЕР, ОПШТИНА БИТОЛА ОДВОИ 65.000 ЕВРА ЗА СТУДИЈА
- ДОДЕКА ДА СЕ ИСПЛАНИРА ГРАДБАТА НА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, ИСТ ПРОЕКТ ВО ЗЛАТИБОР ЌЕ СТИГНЕ ДО МИЛИОН ПАТНИЦИ
Денеска, до Советот стигна одговор од Министерството за локална самоуправа во кој се вели дека Владата го препратила за постапување барањето за разгледување на проектот за составување проектна документација за гондолата на Пелистер. Од Министерството за локална самоуправа го известија Советот дека „во насока на целосно утврдување на фактичката состојба и недостиг на комплетна документација во предметот“ го препратиле во Државниот инспекторат за локална самоуправа „на нивно понатамошно постапување и одлучување“.
Идејата за издграба на гондола на Пелистер беше на независната советничка група Поинаку, и по нејзин предлог влезе како дел од развојните програми на Општина Битола, со што требаше да се издвојат по два милиона денари (околу 32.000 евра) во 2024 и 2025 година за изработка на физибилити студија и техничка документација. По ова, се распадна советничкото мнозинство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку, а иницијативата за изградба на гондолата не е до никаде.
Од Поинаку со иронија велат: „Побаравме помош од Владата, а завршивме пријавени во инспекторатот кој нема никаква надлежност врз нашите одлуки“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА