НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ПРАВИ ПРОЕКТОТ ЗА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, ОД ОПШТИНА БИТОЛА ВЕЛАТ ПОТРЕБНИ СЕ ПОДГОТВИТЕЛНИ АКТИВНОСТИ

    НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ПРАВИ ПРОЕКТОТ ЗА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, ОД ОПШТИНА БИТОЛА ВЕЛАТ ПОТРЕБНИ СЕ ПОДГОТВИТЕЛНИ АКТИВНОСТИЛани советнициите едногласно изгласаа да се изгради гондола на Пелистер и за таа намена се издвоија по 32.000 евра за 2024 и 2025 година.(Фото: СДК.МК)

    Не се знае кога ќе почне изработката на проектната документација за изградба на гондола на Пелистер за што лани советнициите едногласно гласаа „за“ и за таа намена се издвоија по 32.000 евра за 2024 и 2025 година. На прашањето на редакцијата на САКАМДАКАЖА.МК кога точно ќе започне изработката на физибилити студија и техничка документација за гондола, од Општината ни одговорија дека потребно е да се спорведат подготвителни активности.

    „Во однос на прашањето за гондолата, известуваме дека проектот е дел од Програмата за економски развој, но пред започнување на постапката потребно е да бидат завршени подготвителните активности, кои се однесуваат на изготвување на проектна задача, за да може да се побара изработка на квалитетна физибилити студија, која ќе ги детектира потребата, условите, можностите, економската оправданост и рутата на движење на гондолата“, се вели во одговорот од Општина Битола.

    Во неделата советник од независната иницијатива „Поинаку“, Иван Чулакоски, пуштајќи се на штица за сноубординг од врвот на Пелистер, побара од општинската администрација да започне со изработка на проектната документација за гондолата со цел развој на туризмот на Пелистер.

    „Традиционално по четврти пат ќе се спуштам по костум од врвот на Пелистер на надморска височина од 2.601 метар, сега со една цел да се направи гондолата на Пелистер, која како советници ја изгласавме едногласно, меѓутоа општинската администрација и градоначалникот не сакаат да ја реализираат. Ова да биде едно потсетување дека имаме прекрасна планина која може да помогне за развој на туризмот, не само во градот, туку и во регионот“, рече Чулакоски пред да го направи спустот.

    Советот на 7 март годинава донесе одлука за отпочнување на постапката за изработка на проектната документација, но нејзиното објавување е запрено од страна на Општината затоа што според нивното образложение, проектот е предвиден во развојната програма.

    Чулакоски во ноември лани, предложи изградба на гондола слична на онаа на Златибор со цел туристички да заживее Пелистер. Советот тогаш едногласно прифати да се изработи проектна документација за гондолата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира