Возило на гостиварската Пожарна и 20-ина коли со патници се заглавени во снегот во Маврово, на патот меѓу хотелот „Радика“ и Бунец. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, тие се заглавени веќе неколку часа, а на патот веќе се создаваат колони и гужва.
„На бројот 112 е пријавено дека лицата трипати се јавиле за помош и расчистување на патот, но никој не интервенира. Бараат од ‘Македонија пат‘ да интервенира со механизација за да се исчисти патот, а исто така бараат од полиција да ги застане колите бидејќи само се зголемува гужвата“, велат од ЦУК.
По неколку часа, на местото стигнало возило на „Македонија пат“, но поради капацитетот не било во можност да ги одглави заглавените возила.
„Во моментов се чека поголема машина-фреза, со која би требало да ја нормализираат состојбата на патниот правец и да ги одглават возилата. Нема прецизни информации кога ќе стигне машината“, велат од ЦУК.
Поради снежните врнежи во Маврово, утрово два автомобила, во кои имало и две деца, исто така биле заглавени во снегот. Но, тие се извлечени. Блокирани возила има и на Попова Шапка, пред влезот на раскрсницата до викендиците.
„Според информацијата од ‘Македонија пат‘, возилата на Попова Шапка не се блокирани како резултат на неисчистени коловози, туку се работи за несовесни граѓани кои со летни гуми се упатиле на планината. Патот е прооден, моментално две возила го чистат. Возилата со зимски гуми без никакви проблеми се движат по патот. Патрола на полициската станица Попова Шапка е на местото на настанот. Според полицијата, во наредниот период може да се јават и други граѓани за истиот проблем бидејќи како ќе одминува времето, поголем број коли ќе почнат да се симнуваат од Шапка кон Тетово и да се создаваат поголеми колони“, велат од ЦУК.