ОДЛОЖЕНО ОТВОРАЊЕТО НА РЕСТАВРИРАНАТА ЦРКВА ВО КУРБИНОВО НАЈАВЕНО ЗА 9 ДЕКЕМВРИ

    ОДЛОЖЕНО ОТВОРАЊЕТО НА РЕСТАВРИРАНАТА ЦРКВА ВО КУРБИНОВО НАЈАВЕНО ЗА 9 ДЕКЕМВРИЗа верскиот празник Свети Ѓорѓи, верници и други посетители ја посетија црквата, но наидоа на затворени врати, па палеа свеќи во близина на храмот и оставија пари кај вратата. (Фото: Аматерски фотографии)

    Реставрираната црква „Свети Ѓорги“ во преспанското село Курбиново не беше отворена на 9 декември, како што уште во октомври годинава најави директорот на битолскиот Завод и музеј. На 9 декември, за верскиот празник Свети Ѓорѓи, верници и други посетители кои претходно прочитаа за најавеното отворање, ја посетија црквата, но наидоа на затворени врати. Неможејќи да влезат внатре, палеа свеќи во близина на храмот и оставија пари кај вратата.

    Во изминатиот период заврши заштитата на објектот и ѕидното сликарство во внатрешноста на храмот е целосно реставрирано и конзервирано

    Директорот на Завод и музеј Зоран Николовски во телефонски разговор ни рече дека датумот за отворање на храмот се посместува за подоцна од технички причини. Тој рече дека нема никаков проблем, но дека сакаат добро да го организираат настанот за отворањето. Во октомври, за време на пуштањето во употреба на спомен-куќата на Стив Наумов во Битола, Николовски најави дека црквата во Курбиново ќе биде отворена на големиот христијански празник Свети Ѓорѓи, како дел од програмата за одбележување на 90 години работа на Завод и музеј Битола.

    Црквата во Курбиново е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот. Овој црковен бисер, познат и како македонската Мона Лиза поради живописот со особените сликарски остварувања, е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12 век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Храмот подолго време помина оставен на забот на времето, со нарушена статика и пожолтени фрески. Заштитата долго време беше заглавена во проекти на хартија и долги административни постапки меѓу институциите, па народот имаше изгубено надеж дека ќе дојде денот кога ќе се спаси Ангелот од Курбиново.

    Во 2020 тогашната министерка за култура Ирена Стефоска го прогласи Курбиново за културно наследство во опасност, откако ѕидовите на некои места распукаа, а фреските пожолтеа, меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил. Договорот со експертите од Солун беше потпишан во јуни 2021. Тогаш беше отворена и посебна буџетска линија во Министерството за финансии: културно наследство во опасност.
    Изминатите години Министерството за култура вложи поголема сума на пари за заштита на црквата. Се случуваше на годишно ниво најмногу пари од областа на културата во Битолско-Преспанскиот Регион државата да ги вложи за заштита на македонскиот црковен бисер „Св. Ѓорѓи“. Па така, се успеа да се дозвршат конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и на фрескоживописот. Останува во иднина само уште да се конзервира ѕидното сликарство на фасадите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира