Веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов, побара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Предлог-измените на Законот вчера беа на дневниот ред на комисиите за финансирање и буџет како и на вчерашната 22. пленарна седница на Собранието, но не се разгледани. Денеска продолжува 22. седница.
Анткорупциската платформа укажува дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки (БЈН) се сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции.
„Се укинува управната контрола на постапките за јавни набавки што ја правеше Бирото за јавни набавки (БЈН), која досега покажа успех и спречи доста сомнителни набавки да се случат, но требаше да се засили, а не да се укине. Се враќа на мала врата некогашното зло – Советот за јавни набавки, само што сега тендерските документации ќе ги ‘проверува’ Бирото за јавни набавки, што е централизирана контрола во децентрализиран ситем на набавки. Во услови кога водиме во светот според бројот на поништени постапки, се додаваат две нови можности, на постојните седум, за поништување на тендерите. За двајца се зголемува бројот на членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН), од пет на седуммина, а наместо потврда за познавање странски јазик се бара само ‘активно да познава’, односно сам/а да си каже дека познава некој јазик. Член на ДКЖЈН ќе може да се смени и ако ‘незаконски или нестручно ја обавува својата должност’, ама не пишува кој ќе го оцени тоа. Со сила на закон се менуваат членовите на Државната комисија за жалби додека им трае мандатот, а тоа е независна комисија“, велат од невладината организација Центар за граѓански комуникации (ЦГК) за предложените законски измени.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата велат дека дополнително, иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.
„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите. Особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот, односно при историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, со што ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува и ефективно да ја санкционира корупцијата“, велат од Платформата.
Тие инсистираат при какви било намери за измени на законската регулатива од доменот на јавните набавки да се организира консултативен процес во кој ќе учествуваат сите надлежни институции, како Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата и граѓанските организации кои работат на антикорупциска проблематика.
И Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска изрази „сериозна загриженост“ поради предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, кои се носат по скратена постапка и без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици. ДКСК истакнува дека особено загрижува фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени.
„Со оглед на системската важност на Законот за јавните набавки и ризиците од корупција што произлегуваат од јавните набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата отпочна со спроведување на антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на Законот. Оваа проверка е дел од заложбите за навремено утврдување и ублажување на ризиците од корупција и судир на интереси во законодавството, што е од суштинско значење за заштита на јавниот интерес. Државната комисија комисијата истакнува дека ваквите проверки се ефикасни доколку се извршуваат навремено, во фаза на подготовка на законите, а не откако тие ќе бидат донесени“, соопшти ДКСК.
С. НИКОЛИЌ