Владимир Путин изјави дека е спремен за компромис околу Украина во можните разговори со Доналд Трамп и нема услови за почеток на преговори со украинските власти. Путин, кој денеска ја имаше својата маратонска годишна средба со новинари, кажа дека е подготвен да се сретне со новоизбраниот претседател на САД, со кого не зборел со години.
Тој ги отфрли проценките дека Русија е во слаба позиција, тврдејќи дека е многу посилна отколку во 2022, кога почна војната.
„Секогаш сме кажувале дека сме спремни за разговори и компромиси. Мислам дека наскоро ќе нема Украинци кои ќе сакаат да се борат. Ние сме спремни, но другата страна исто така треба да биде спремна за разговори и компромиси“, кажа Путин, додавајќи дека гледано од оваа перспектива, требало и порано да ја нападне Украина.
Тој го обвини бившиот британски премиер Борис Џонсон дека ја спречил Украина да постигне договор со Русија во Истанбул во 2022.
„Постигнавме договор, на кој Украина се согласи, но потоа Борис Џонсон со неговата убава фризура дојде во Киев и им кажа дека мора да се борат до последниот Украинец“.
Запрашан дали Русија е блиску до победа во Украина, тој одговори дека војувањето е комплицирано.
„Ситуацијата драстично се менува, се ближиме кон остварувањето на главните задачи на нашата специјална воена операција“, изјави Путин, додавајќи дека не може да каже кога Русија целосно ќе ја поврати контролата врз Курск.
Путин му порача на западот дека нема шанси против руските оружја.
„Ајде да направиме експеримент. Изберете мета во Украина и донесете ја вашата најдобра противвоздушна одбрана, па да видиме дали можете да го пресретнете ‘орешник‘“.
Тој тврди дека економската состојба во Русија е стабилна и продолжува да напредува наспроти сите очекувања и дека оваа година забележала раст од 3.9%.
„Инфлацијата достигна 9% и тоа е алармантен сигнал, но севкупно гледано, ситуацијата е стабилна“, рече Путин.