Порибување на рибниот фонд е извршено на неколку локации од велешкото риболовно подрачје, во реките Вардар, Бабуна и Тополка. Пуштено е вкупно 280 кила подмладок на крап и на пастрмка. Порибувањето е во рамките на обврските на Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна“ од Велес кон Министерството за земјоделие и водостопанство.
„Се изврши редовно порибување на дел од водите кои се во ревирот на ЗСР ‘Бабуна’ по основ на концесија, а во согласност со Законот за рибарство и аквакултура. Реката Вардар во Велес е порибена со 200 кг крап. Во реката Бабуна е пуштено 50 кг подмладок од пастрмка, а во реката Тополка 30 кг подмладок пастрмка. Тие количини се согласно со програмата на ЗСР за годишна работа. Пастрмката се пушта во Тополка и Бабуна, бидејќи таму условите дозволуваат, водата е чиста. Не го порибивме Езерото Младост, оти добивме препорака од Хидробилошки завод Охрид дека водата не е исправна и не е добро да се пушти подмладок на риба. Одложено е за понатаму, кога ќе се подобрат условите“, кажа Даниел Наумовски, претседател на ЗРД „Бабуна“.
Рибата која беше пуштена е набавена од „Акватика“ Неготино. Во некои минати години, на порибувањето имаше и медиумски екипи, но тоа не се случува веќе неколку години.
„Искуството од претходни години покажа дека информацијата се пренесува веднаш како и локацијата, па се соочуваме со изловување од рибокрадци на рибата која е пуштена во реките. За да не се случува тоа уловување на младите примероци, Управниот одбор на ЗСР реши информацијата да ја објавиме неколку дена подоцна“, рече Наумовски.
П. ПЕЧКОВ