ПОЛСКА ЌЕ ПРЕТСЕДАВА СО ЕУ ДО ПРВИ ЈУЛИ

    ПОЛСКА ЌЕ ПРЕТСЕДАВА СО ЕУ ДО ПРВИ ЈУЛИПолскиот премиер Доналд Туск е искусен европски политичар, беше на чело на Советот на ЕУ од 2014 до 2019, а потоа и шеф на Европската народна партија (ЕПП). (Фото: СДК.МК)

    Полска од денеска го презема од Унгарија претседавањето со Советот на ЕУ во времетраење од шест месеци. Со тоа, за ЕУ завршува едно турбулентно полугодие во кое наместо да дејствува како неутрален посредник, унгарскиот премиер Виктор Орбан беше на курс на конфронтација со Брисел и ги дразнеше своите партнери со своеволна „мировна мисија“ и непланирани посети на Москва, Киев и Пекинг.

    „Претседателството на Полска со ЕУ ќе биде контрапункт на она што се случуваше во последните шест месеци“, прогнозира експертот за Источна Европа Кај-Олаф Ланг од Фондацијата за наука и политика во интервју за Дојче веле (ДВ). Тоа пред сѐ се однесува на безбедносната политика и релациите со Украина и Русија.

    Полскиот премиер Доналд Туск е искусен европски политичар. Тој беше на чело на Советот на ЕУ од 2014 до 2019 година, а потоа беше шеф на Европската народна партија (ЕПП). „Никој во ЕУ не може да ме надмудри“, воинствено објави тој во својата прва владина изјава по преземањето на функцијата премиер во декември 2023 година. Тој претходно победи на парламентарните избори и по осум години ја симна од власт десничарската конзервативна влада на ПиС.

    Претседателството со Советот за Туск е добра прилика да ја спроведе својата најава и да покаже дека по 20 години членство во ЕУ, Полска веќе не е ученик, туку може да биде и пример за „старите“ земји-членки.

    „Ние сме веродостојни. Европа го зборува нашиот јазик“, рече полскиот министер за Европа, Адам Шлапка кога неодамна ги претстави приоритетите на полското претседателство во Варшава. Неговата земја станала „експерт за најголемите предизвици“ со кои се соочува Западот, смета тој.

    Постојаниот мотив во говорите на Туск со месеци е барањето безбедносната политика на Полска и на другите држави од источното крило на НАТО да стане политика на целата ЕУ.

    „Треба да ги одржуваме односите со САД, но Европа мора да стане самостојна, мора да застане на свои нозе. Мора да ѝ се стави крај на епохата на страв и несигурност спрема Русија“, рече тој пред средбата со скандинавските и балтичките земји кон крајот на ноември.

    Полска е предводник кога станува збор за издатоците за одбрана. Во моментов троши 4,2 проценти од бруто домашниот производ (БДП) за одбрана. Во 2025 година ќе го зголеми уделот на 4,7 проценти – силен аргумент не само за другите земји од ЕУ, туку и во идните разговори со идниот американски претседател Доналд Трамп, кој бара поголема посветеност од европските партнери во НАТО.

    Туск е решен да спречи можни мировни преговори за ставање крај на војната во Украина да се водат само меѓу САД и Русија и сака ЕУ да биде на преговарачката маса. „Нашето претседателство со Советот на ЕУ меѓу другото ќе биде одговорно за тоа како изгледа ситуацијата во преговорите што би можеле да започнат зимата оваа година“, рече полскиот премиер на почетокот на декември.

    „Украина мора да биде присутна на сите разговори; секој предлог мора да биде прифатен и од нашите пријатели во Киев“, рече Туск по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон на 12 декември 2024 година во Варшава.

    За да биде подготвена за секое сценарио, Полска гради одбранбена линија долж границата со Белорусија наречена „Источен штит“, за која си посакува европско кофинансирање. Варшава учествува и во европската иницијатива за противвоздушна одбрана „Јуропијан скај шилд“. Владата на Туск поддржува евро-обврзници за одбрана, но идејата за ново задолжување на ЕУ е многу контроверзна. Пред сѐ Германија и Холандија се категорично против.

    Откако пред една година Брисел даде зелено светло за прием на Украина во ЕУ, Полска сега сака да ги започне пристапните преговори. За почеток би можело да се отвори поглавјето за владеење на правото, човековите права и борбата против корупцијата, вели министерот за Европа, Шлапка. Киев притиска за преговори во што е можно повеќе области, но Варшава не сака да избрзува.

    Полска веќе со недели е повторно среде изборна кампања. Во мај 2025 треба да се гласа за нов шеф на државата. За левиот центар околу Туск, ова е клучно, па од тие причини тој веројатно ќе внимава да не се зафати со европски проекти кои се непопуларни во Полска, а опозицијата би можела да ги искористи против него.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира