Со колата која вчера попладне падна во реката Вардар возела една од трите загинати жени, ги соопшти Обвнителството првичните сознанија. Ќе биде издадена наредба и за вештачење на автомобилот. Три жени загинаа, а по маж кој бил во колата уште се трага, откако синоќа автомобил излета од патот кај Рашче, Скопско и падна во Вардар. Четиригодишно дете е спасено од минувачи кои помогнале по несреќата и го извлекле од колата. Дететo е е згрижено во Детска хирургија.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на лице место кај Рашче.
„И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата. Заедно со автомобилот, од водите на Вардар беа извадени три починати женски лица, за кои е издадена наредба за обдукција“, велат од Обвинителството.
По насоки на јавен обвинител се разговара со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството во возилото со цел да се испитаат сите околности.
Според информации од болницата, состојбата на спасеното дете е стабилна.
„Имаше почетна хипотермија (односно смрзнување и ладење на телото), но беше брзо санирана таа состојба. Направени се проценки кои се уредни, но, поради начинот на кој настанале повредите, детето е задржано за понатамошни опсервации“, изјави Лазо Јовчевски, директор на Детска хирургија.