Охридските сопственици на помали бродови и чамци велат дека не се задоволни од заработката за новогодишните празници.
„Послаба е сезоната, сме имале и повеќе туристи во овој период кои биле заинтересирани за прошетка по вода. Работава оди оди, па застанува, но сепак ова се реални цени со оглед на трошоците“, ни рече еден од капетаните на помал брод на охридскиот кеј.
Цената за лице за возење во Свети Наум чини 25 евра, а турите тргнуваат секое утро. Поголемите бродови возат до Свети Наум во летниот период за 900 денари по лице. Постојат и покуси тури од центарот до црквата Св. Јован Канео за цени кои се во просек 300 денари, но се прават на лице место, по договор со капетанот.
„За нашиот народ оваа цена е скапа па обично се пазарат. Една брачна двојка ми рече дека попрво би дале 50 евра во некој ресторан отколку за обиколка со брод. И странците кои првпат доаѓаат во Охрид не е лесно да се убедат, но откако ќе им објаснам дека каква е прошетката, прифаќаат“, додава сопственикот на бродот. Вели дека од домашните туристи сезонова добиваат чести прашања зошто нивото на водата е намалено.
Нивото на водата во Охридското Езеро е намалено оти долг период немаше дожд.
Според хидрометеоролошките показатели, средната годишна температура е постојано повисока од повеќегодишниот просек, а постои генерален тренд во опаѓањето на количеството на врнежи.
М. ЏАРОВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ