Били Кристал и Парис Хилтон се меѓу познатите личности кои ги загубија своите домови во смртоносните шумски пожари кои беснеат во областа на Лос Анџелес. Повеќе од 1.000 објекти се уништени додека шест одделни пожари горат во и околу градот, кој е преполн со куќи на филмски ѕвезди.
Еден од најлошите пожари имаше во живописната енклава Пацифик Палисејдс. Актерот Џејмс Вудс се расплака на „Си-Ен-Ен“ додека кажуваше како го загубил својот имот во Пацифик Палисејдс.
„Еден ден пливате во базен, а другиот ден сето тоа го нема“, рече Вудс.
Актерот Били Кристал кажа дека тој и неговата сопруга Џенис се со „скршено срце“ од загубата на нивниот дом во Пацифик Палисадес, каде што живееле од 1979 година.
Ѕвездата на филмот „Кога Хари ја запозна Сели“ изјави: „Тука ги одгледавме нашите деца и внуци. Секоја педа од нашата куќа беше исполнета со љубов, убави спомени кои не можат да се одземат. Со љубовта на нашите деца и пријатели ќе го пребродиме ова“.
Џенифер Анистон, Бредли Купер, Том Хенкс, Рис Витерспун, Адам Сендлер и Мајкл Китон, исто така имаат домови во Пацифик Палисејдс.
Хотелската наследничка Парис Хилтон рече дека го загубила својот дом во Малибу.
Други ѕвезди кои беа принудени да ги напуштат своите домови се актерот Марк Хамил од „Војна на ѕвездите“ и актерот Јуџин Леви. Во објава на Инстаграм, Хамил го нарече пожарот „најстрашниот“ од 1993, кога изгореа 18.000 хектари, уништувајќи 323 домови во Малибу.
Леви кажа дека има „црн и интензивен“ чад над кањонот Темескал.
„Не можев да видам пламен, но чадот беше многу мрачен“, изјави тој за „Лос Анџелес тајмс“.
Актерот Камерон Матисон, исто така, сподели снимка од неговата куќа која е сега рушевина.
„Ние сме безбедни. Но, ова е она што остана од нашиот прекрасен дом”, напиша актерот.