ТРИ ГРУПИ СВИРЕА БЕСПЛАТНО ЗА ДОЧЕКОТ НА НОВА ГОДИНА ВО ШТИП, ОПШТИНАТА ЌЕ ИМ ДАДЕ БЛАГОДАРНИЦИ, 16.000 ЕВРА ЧИНЕШЕ ЦЕЛАТА ПРАЗНИЧНА ПРОГРАМА СО 20 МУЗИЧАРИ

    ТРИ ГРУПИ СВИРЕА БЕСПЛАТНО ЗА ДОЧЕКОТ НА НОВА ГОДИНА ВО ШТИП, ОПШТИНАТА ЌЕ ИМ ДАДЕ БЛАГОДАРНИЦИ, 16.000 ЕВРА ЧИНЕШЕ ЦЕЛАТА ПРАЗНИЧНА ПРОГРАМА СО 20 МУЗИЧАРИЗа новогодишното украсување на градот и за новогодишната програма, Општина Штип со одлука на Советот предвиде буџет од 84.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    За првпат по 20 години, Општина Штип организираше дочек на Нова година на отворено и тоа на новата пешачка улица Ванчо Прќе, на која речиси цел декември имаш педесетина настани. На Нова година хуманитарен настап имаа три бенда, кои бесплатно свиреа новогодишен целовечерен концерт. За новогодишното украсување на градот и за новогодишната програма, Општина Штип со одлука на Советот предвиде буџет од 84.000 евра.

    „Трите штипски бенда, ‘Креатив’, ‘Астибо’ и ‘Аре брадерс’ сами побараа бесплатно да организираат музички дочек на Нова година задоволни што Општината организираше едномесечен новогодишен базар на новото шеталиште на кое цел декември имаше посебна програма. Општина Штип за овој бесплатен музички дочек на Нова година на трите бенда ќе им додели посебни признанија и благодарници“, вели раководителката на Одделението за контакт со јавноста во Општина Штип, Изабела Монева.

    Бесплатни биле и настапите на градските хорови и на учениците од Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“, на младите пејачи од фестивалот „Весело штурче“, а на децата од градинките и училиштата им се овозможило да бидат дел од базарот со продажба на своите лични ракотворби и средствата да си ги наменат за потребите на нивните училишта.
    Општина Штип со помош на фирми поддржувачи од градот подели над 3.000 новогодишни пакетчиња на децата кои беа на пешачката улица.

    Монева, додава дека согласно предвидениот буџет за одбележување на новогодишните и божикните празници во вкупна вредност од од 1 милион денари (16.000 евра), на јавен повик била избрана невладината организација „Центар за културна иницијатива (ЦКИ) од Штип, која ја организараше останатата музичка програма во која настапија дваесетина музичари и диџеи.

    Во оваа програма, која се спроведе од 9 до 27 декември, учествуваа Кирил Максим Трајковски (кловнови и аниматори), потоа диџеите Бока Конга и Боби Сакс, Тасев, актери од „Зевзекманија“, пејачите Сара Мејс и девојките, Мартинијан Кириловски и Миле Кузмановски, Марија Данева и нејзиниот бенд, „Бузуки бенд“, групата „Бекрии“ и други. За тоа кој колку добил од вкупниот тендер од 16.000 евра, Општина Штип вели дека го чека деталниот извештај од Центарот за културна иницијатива.

    Како најповолна јавна набавка, Општина Штип потрошила и 11.000 евра за бината, осветлувањето, сценографијата за речиси цел месец декември и за новогодишниот дочек на фирмата „Саунд“ од Струмица.

    За новогодишното украсување на градот, Општината Штип на тендер го довери на приватна фирма која за 57.000 евра го украси градот целосно и центарот и населбите, целото корито на реката Отиња во должина од 2 километра и главните влезни улици во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира