ОПШТИНА КУМАНОВО ПОТРОШИ 20.000 ЕВРА ЗА ДВА ДЕНА НОВОГОДИШНА ПРОГРАМА

    ОПШТИНА КУМАНОВО ПОТРОШИ 20.000 ЕВРА ЗА ДВА ДЕНА НОВОГОДИШНА ПРОГРАМАКонцертот на Градскиот плоштад во Куманово се одржа во сабота на 28 декември од 18 часот до 21 часот, а настапија дуото „Дупер“, групата „Tин камп“ и рап пејачот Тајзи.(Фото: Општина Куманово)

    Околу 20.000 евра чини празничната програма на Општина Куманово за новогодишните празници, која се одржа на 27 и 28 декември минатата година. Половина од средствата се потрошени за хонорари на музичарите за концертот на градскиот плоштад, а останатото за другите активности и техничка подготовка. Новогодишната програма ја спроведува Фондацијата за култура и спорт Куманово, по одобрени средства од Секторот за култура во Општина Куманово.

    „Во Програмата за културни манифестации на Општина Куманово, според која што работи Фондацијата за култура и спорт “Куманово” беа предвидени 1.124.000 денари. За музичката програма, конкретно беа потрошени 614.000 денари. Додека, за останатите активности, во вид на културно-уметничка програма 310.000 денари. 200.000 денари беа потрошени за тековни трошоци при реализација на самите случувања. Почнувајќи од дизајн на пропаганден материјал, преку угостителски услуги и исполнување на рајдер листи, бинска опрема, вонредно физичко обезбедување, како и обврска кон здружение за заштита на музички авторски права“, вели Марио Арангеловски, в.д. директор на Фондацијата за култура и спорт Куманово.

    Концертот на Градскиот плоштад во Куманово се одржа во сабота на 28 декември од 18 часот до 21 часот, а настапија дуото „Дупер“ , групата „Tин камп“ и рап пејачот Тајзи.

    За едночасовниот наспат на тинејџерската група „Tин камп“ се исплатени 4.000 евра, на Тајзи 3.000 евра и на дуото „Дупер“ 2.000 евра . Посетители велат дека на концертот биле исклучиво тинејџери и деца, а посетеноста била слаба поради тоа што било многу студено, но и поради недоволната промоција. Најголем интерес имало за настапот на Тајзи.

    Истиот ден на Градскиот плоштад во 16 часот се одржа новогодишен перформанс на Дарко Ѓурчиновски, жонглер и аниматор, а во 17.00 часот пристигна Дедо Мраз.

    На 27. декември во просториите на Занаетчиски дом во Куманово се играше детската претстава „Ех да може во зима, сладолед да има“, во режија на „Балада продукција“ од Прилеп, наменета за деца од 3 до 9 години, а вечерта беше новогодишен концерт на оперскиот пејач Дарко Тодоровски.

    „Општина Куманово со години на назад не организира музички концерт во очи новата година, но, исто така, во континуитет организира предновогодишна програма за деца и млади, а годинава, по тој повод, за прв пат беа предвидени малку повеќе финансиски средства од вообичаеното, па, соодветно на нив, беше успешно реализирана богата културна-уметничка програма“, смета Арангеловски.

    На 30 и 31 декември, како што беше традиција пред смената на локалната власт, и како што имаше прослави во другите градови во државата, во Куманово немаше никава организирана активност или настан, па не се ни чувствуваше предновогодишната атмосфера.

    Новогодишната прослава во Куманово последните години падна во сенка на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Куманово – 11 Ноември, кога се организираат повеќе настани и прославата завршува со голем концерт на Градскиот плоштад. Оваа година настапија над 20 изведувачи на забавна и народна музика, а за 3,5 часовниот концерт беа исплатени 30.000 евра за хонорари.

    На концертот тогаш пееја: Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, ИвонаЈо, Наум Петрески, Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски и Шпенд Латифи, водител бше Стефан Лазаров, „Фис бенд“ и диџеј Боно. Тогаш од Фондацијата не кажаа кој колкав хонорар добил, под изговор дека е деловна тајна.

    Новогодишно украсување на Куманово оваа година чини близу 3 милиони денари или 50.000 евра, што значи дека заедно со двата концерти, за два месеци се потрошени 100.000 евра од општинскиот буџет.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира